Македонија
27. October 2016 - 13:23

Најдобрите 25 ученици од општина Аеродром на настава во Лондон

На почетокот на декември, 25-те најдобри ученици од сите основни училишта во општина Аеродром ќе ја посетат збратимената општина Вандсворт во Лондон, каде ќе посетуваат настава во училиштето Брнтвуд.

Ова денеска на прес-конференција го најавија градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет и заменик-министерот за образование Спиро Ристовски.

Градоначалникот Коневски истакна дека соработката на општина Аеродром со Вандсворт продолжува. Нагласи дека учениците ќе се стекнат со огромно искуство во воспитно-образовниот процес на меѓународно ниво и со нови пријателства. Изрази надеж дека оваа посета ќе стане традиционална и оти ќе бидат опфатени што е можно повеќе ученици.

Амбасдаорот Герет смета дека оваа иницијатива е многу важна, уникатна и оти ги отсликува врските меѓу Македонија и Британија.

- Во училиштето Брнтвуд во Вандсворт учеше и мојата ќерка Флоренс пред пет години, кога живеевме во Лондон. Многу добро сум запознаен со училиштето и знам дека тоа е многу добар пример на образование во Лондон, рече Герет. Додаде дека има голема разновидност и инклузивност во училиштето.

Заменик-министерот Ристовски потенцира дека МОН и дава поддршка на општина Аеродром за оваа  иницијатива. 

- Ова е прекрасна иницијатива која треба да биде пример за други општини во Република Македонија и предизвик и за други грдоначалници на ваков начин да воспостават комуникација со релевантни училишта од најголемите европски центри. Бесценето е искуството кое нашите ученици, кои сега ќе одат во Лондон, ќе го пренесат во Македонија, рече Ристовски. 

За време на наставата во училиштето во лондонската општина Вандсворт, учениците ќе бидат придружувани од еден одговорен наставник и ќе имаат можност да се запознаат со англискиот воспитно-образовен систем и наставните програми. Тие ќе бидат сместени кај семејствата на своите соученици, така ќе можат да дознаат повеќе за обичаите, навиките и начинот на живот во Велика Британија.

Минатата година во јуни општина Аеродром ја испрати првата група најдобри ученици на настава во Лондон, а годинава во јуни група ученици од Лондон дојдоа во возвратна посета на Аеродром.