Македонија
20. јуни 2016 - 21:25

Најдобрите 12 студенти добија признание „Инженерски прстен“

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов попладнево во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ во Охрид на 12-те најдобри студенти кои дипломирале на инженерски струки им го врачи признанието „Инженерски прстен“.

Посакувајќи им на новодипломираните инженери да бидат предводници на човечкиот потенцијал кој ќе придонесе во развојот на државава, Иванов им ја пренесе пораката, која им  ја повторува на сите генерации добитници на „Инженерскиот прстен“, никогаш да не престанат да се усовршуваат и да ги применувате своите знаења и креативни потенцијали.

- Сакам да ве охрабрам да запливате во океанот на технологијата. Таму во глобалниот свет на постојани иновации и технолошки решенија вие ќе се натпреварувате со најпосветените, најработливите, најкреативните... Во тој натпревар ќе се стекнете со искуства и самодоверба. Вербата во себе, волјата и посветеноста ќе ви помогнат да го најдете своето место во инженерските науки за да придонесете за себе, но и за својата заедница и држава, нагласи Иванов.

Новоформираните факултети од инженерските струки, според него, ги продуцирале првите кадри кои ќе бидат носители на инженерството во нашата држава, а тие практично треба да докажат дека вложувањето во инженерското образование е вистинскиот потег.

-  Вие сте дел од тие кадри, кои ќе треба и практично да докажат дека вложувањето во инженерското образование е вистински потег. Верувам дека допрва кога ќе почнете своето значење да го користите во професионалната кариера до израз ќе дојдат сите ваши квалитети и акомулирано знаење, рече претседателот на државата.

Претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, најави дека заедно со Комората на овластени архитекти и инженери покренале две иницијативи кои се однесуваат на стипендирање на добитниците за магистерски и докторски студии во Македонија и предлог за нивно вработување на нашите универзитети.

- „Инженерскиот прстен“ е уникатно признание во регионот, но и пошироко кое ги истакнува најдобрите млади инженери да се промовира елитност што по правило треба да биде признаена и наградена. Со покренување на двете иницијативи сигурни сме дека ова ќе биде начин да ги задржиме најдобрите млади во земјава и тука да ја почнат својата професионална кариера, рече Спасевска.

Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија Миле Димитровски изрази надеж дека добитницте на прстенот ќе го продлабочат своето знаење и вештини и за кратко време ќе станат овластени инженери со можност да проектираат, изведуваат и ревидираат проекти од областа во која се школувале.

- Се покажа дека инженерството во Македонија  е на исто рамниште со европското образование и дека македонските овласувања добиени од тие знаења ги квалификуваат нашите инженери да работат во Европа. Се надеваме дека со вашето понатамошно работење ќе покажете дека можете силно да придонесете во изградба на подобро општество, нагласи Димитровски.

Во името на сите добитници на „Инженерскиот прстен“ се заблагодари Лилјана Димевска студент од Архитектонскиот факултет во Скопје и вети дека како добитници на највисокото признание се задолжуваат да помогнат во градењето на нашата иднина и иднината на нашата држава

-  Ова признание е највисокото остварување кое може да го достигне еден студент, а ние денеска сме горди што сме тука да ја примиме најпрестижната награда „Инженерски прстен“. Учењето и трудот  секогаш се исплатлива и најголема инвестиција што еден млад човек треба да ја вложи и доказ дека секогаш поминуваат забележани и се наградуваат.  Влогот во науката и знаењето ќе бидат нашиот пат, а ова признание наша инспирација за уште поголем поттик и патоказ да продолжиме со истиот ентузијазам и амбиција за оставување на повисоки цели до крајот на животот, подвлече Димевска.

Признанието „Инженерски прсте“ претставува гордост и чест и за Мери Жаја од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и за Николина Шутиноска од Техничкиот факултет во Битола. Со него, посочија дека доаѓа до израз целиот нивни труд вложен во текот на студирањето и потсетник за поголеми успеси во иднина, но индикатор дека понатаму ќе имаат успешни кариери и професионално ќе се надополнуваат и надоградуваат.

Златниот инженерски прстен претставува круна од дабови лисја на чиј врв е вграден знакот на Инженерската институција на Македонија. Дабовите лисја во македонската традиција се симбол на чест и достоинство,  ѕвездата од знакот на Инженерската институција го симобилизира знаењето и синергијата од сите инженерски дисциплини

Признанието „Инженерски прсте“ по 13-ти пат го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери под покровителство на Претседателот на Република Македонија. сс/лв/20:19