Македонија
18. July 2017 - 19:25

Најавените реформи се претворија во административни надополнувања на „Мој термин“

Од понеделник изводите на родени ќе се вадат во родилиштата во Скопје, а во 18 –те болници низ државата каде се врши породување проектот наречен „Добредојде Бебе“ ќе стартува од 1 септември, информираат од министерството за здравство. Но, според информации на Сител оваа новина во Мој термин која ја најави министерот Таравари како пилот проект е почнат минатата година.

Од болнички извори дознаваме дека на Клиниката за гинекологија и акушерство биле издадени 20-тина вакви изводи. По доаѓањето на детето на свет родителите кажувале име и ги приложувале личните податоци, за да за ден-два им биде изготвен извод од матичната книга на родените додека мајката и бебето сеуште се во породилиштето.

Од секторот за односи со јавност во министерството, во писмениот одговор признаваат дека овој проект е инициран од вработените во Мој термин во 2016 година, но ја обвинуваат претходната администрација дека не бил преземен конкретен чекор за негово целосно реализирање.

-Придобивката од оваа новина е дека родителите нема веќе да чекаат на шалтери, туку изводот од матична книга ќе го добијат во рок од 48 часа, за време на престојот во породилиштето, стои во писмениот одговор од МЗ.

Ова би значело дека за тоа време родителите мора да знаат како ќе се вика бебето. За да ова се реазлизира проектот потребна е соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда-Управа за водење матични книги, институции кои се од исклучителна важност во овој случај, a преку Мој Термин само само би се проследиле потребните податоци.