Бизнис
1. December 2016 - 19:51

Најавена нова инвестиција во рударството - Светски позната компанија влегува во Македонија

На повидок е нова, досега најголема инвестиција во рударството во Македонија. Позната рударска компанија има намера во земјава да отвори рудник за злато, сребро, олово, цинк и други метали, кој ќе биде меѓу најголемите во Европа.

Како што за Сител открива заменик министерот за економија, геолошките истражувања се завршени и се однесува на голема територија, од 30 квадратни километри во близина на тромеѓето меѓу Македонија, Србија и Бугарија.

- За илустрација, рудникот за злато Иловица ќе биде најголемиот во Југоисточна Европа, додека во овој случај се работи за седум-осум пати поголем рудник кој ќе биде полиметаличен. Се надеваме дека за некои две години компанијата ќе почне со изградба, вели заменик министерот за економија, Кристијан Делев.

Изминатиов период се реализираат повеќе инвестиции во рударството. Јуромакс работи на Иловица, привршува отварањето на рудникот во Казандол, Солвеј планира да го рестартира Боров Дол. Минстрој го рестарираше  Злетово, до крајот на неделава повторно треба да проработи Тораница.

- Се работи за многу важен сектор за македонската економија кој е како градежништвото, односно ангажира многу други гранки и компании, вели Делев.

Изминативе години државата издала над 300 дозволи за детални геолошки истражувања со што се очекува значителен пораст на учеството на рударството во индустриското производство, кое сега изнесува над 10 проценти.