Македонија
28. јуни 2017 - 16:20

Најавена итна санација на Галеријата на икони во Музејот на Македонија

Просторијата во која е сместена Галеријата на икони во Музејот на Македонија поради оштетеност и небезбедност ќе биде санирана, а вредната збирка од 120-ина икони додека траат градежните зафати ќе биде преместена и соодветно заштитена во просторот на Воениот музеј кој, исто така, се наоѓа во Музејот на Македонија. 
 
Новиот в.д. директор на Музејот на Македонија Гордан Николов денеска, во присуство на министерот Роберт Алаѓозовски, пред медиумите ги покажа проблемите на оваа национална установа која тој ја  раководеше до 2007 година. На прес-конференција рече дека веќе формирал два тима предводени од стручни лица од Националниот конзерваторски центар и од Конзерваторскиот центар на Град Скопје. Тие  треба да ја скенираат состојбата и до понеделник, 3 јули, да достават извештај со приоритети, препораки и предлог-мерки за архитектонски решенија и санација на просторот. 
 
Според нивната првична проценка, потребна е промена на таванскиот простор во целиот Музеј. Оштетувања има во сите поставки, како и во подрумските депоа. Тие се највидливи во Галеријата на икони особено откако на 9 март годинава паднал дел од таванот, но претходното раководство не реагирало. Според првиот стручен увид, иконите не се механички оштетени, но не се ни заштитени, иако соред категоризацијата збирката е прогласена за културно наследство од посебно значење. 
 
Тие ќе бидат дислоцирани во просторот на Воениот музеј, кој е во владение на Министерството за одбрана и и единствена просторија во Музејот што може да се затвори, т.е. е обзебедена и во која има микроклиматски услови за чување на вредните икони. Понатаму ќе се направи проценка за потребата од конзервација на иконите и ќе има заложба за нивна подобра презентација затоа што, според стручните тимови, од уметничко-историски аспект збирката на икони е најзначајниот дел од Музејот на Македонија. Заедно со Галеријата на икони во Охрид, овие икони, кои датираат од 14. до средината на 20 век, се меѓу најзначајните на Балканот. 
 
Министерот за култура Алаѓозовски рече дека претходната власт го маргинализирала Музејот на Македонија, а „скандал од невидени размери“ го нарече нереагирањето за падот на таванот пред три месеци и оставеноста на иконите  во ризични услови. 
 
- Врвни примероци на иконопис досегашното раководство ги остави да пропаѓаат во неадекватни услови, во простории кои при секој пороен дожд прокиснуваат. Делата се дополнително изложени на оштетувања од високите температурни разлики поради отсуство на систем за климатизација. Истото се случува и со етнолошката збирка, чија вредност е исто така исклучителна, рече Алаѓозовски, кој најави дека веднаш ќе го променат пристапот кон културното наследство. 
 
Нагласи дека Министерството за култура ќе ги обезбеди сите средства и стручна помош без оглед какво ќе биде известувањето од стручните лица и од сумата што ќе треба да се обезбеди за, како што рече,  сериозно и долгорочно решение на овој проблем.
 
- Ние како Министерство за култура сме подготвени да застанеме зад оваа институција. Наша должност е да ги обезбедиме сите потребни средства и сета стручна помош која е потребна за конечно на овој проблем да му се пристапи сериозно и да се отстрани како опасност еднаш засекогаш. Верувам дека ќе изнајдеме средства, без разлика колку и да требаат, додаде министерот за култура.