Македонија
2. January 2016 - 16:09

Најавен кубик прислушувани разговори, а предадени само 15%, зошто СДСМ ги крие другите?

И во новата година остануваат старите обврски на опозицијата кои произлегуваат од Договорот во Пржино. Анкетната комисија стана најголем кошмар на опозицискиот лидер Зоран Заев особено откако стана јасно дека тој и неговото партиско раководство се директно вмешани во мега скандалот Фабрика за афери. Заев веќе неколку недели бега од сослушувањето пред пратениците иако таа обврска ја презема со Договорот од Пржино. Партиски извори велат дека лидерот на СДСМ едноставно нема одговори на прашањата кои произлегуваат по последниот развој на настаните меѓу кои и за што разговарал на телефон со криминалците вечерта кога беше приведена фалсификаторската група, колку долго неговата фабрика готви лажни афери со кои треба да се манипулира македонската јавност како и дали постојат уште такви фабрики кои штампаат за потребите на СДСМ.
Премиерот Груевски ја исполни својата обврска која ја имаше согласно Договорот од Пржино и дојде на сослушувањето пред пратениците. Тој со часови одговараше на нивните прашања.

Но бегството од анкетната комисија не е единствената точка која СДСМ ја избегнува во реализацијата на договореното од Пржино.

Предавањето на незаконски стекнатите прислушувани материјали за Заев стана вистински проблем, особено откако пред целата јавност кажа дека има 600.000 прислушувани разговори за кои му е потребен 1 кубен метар заштитен простор

Но на Заев очигледно геометријата му е послаба страна. Наспроти најавите дека пред Специјалното обвинителство ќе се појави со камион, Заев материјалите ги донесе во шест кутии од хартија за печатење во А4 формат. Бидејќи исти такви кутии имаме и ние, пресметавме дека за да наполни еден кубен метар, наместо 6 би му требале некаде околу 60 такви кутии. Ако ја погледнете оваа анимација на која кутиите на Заев се претставени со различни бои, зелената боја ќе ви даде точно претстава уште колку простор му остана на Заев за да го наполни бараниот еден кубен метар.

Бидејќи остана уште многу простор а Специјалното обвинителство стандардно молчи кога добива прашања поврзани со Зоран Заев, во јавноста останува дилемата. Дали Заев ги предаде сите 600.000 прислушувани разговори кои тврдеше дека ги поседува. На тоа прашање конкретен одговор избегна и Заев, кој само рече дека ги предал сите разговори што ги поседува без да каже конкретна бројка.

По ова, останува Катица Јанева да излезе пред јавноста со гаранција дека Заев и предал 600.00 прислушувани разговори и дека истите нема да бидат повторно објавувани, дека СДСМ не ги чува во приватни архиви и дека со нив нема да се тргува со разни криминални структури во земјава и регионот, како што беше случајот во Фабриката за афери.

Експертите велат дека јавната гаранција Јанева ќе мора да ја даде пред посетата на еврокомесарот Хан која се најавува за наредната недела за да им чист терен и да нема ниту еден политички субјект кој што ќе може да бара оправдувања за бегство од соочувањето со граѓаните.

Во таа насока и Груевски најави дека ќе го испочитува договорот околу повлекувањето на премиерот од функцијата на 100 дена пред изборите со што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на изборите закажани за 24 април.

Но анкетите на јавното мислење, вплеткувањето на раководството на СДСМ во сериозен криминал како и недостатокот на идеи за предизборна програма на Бихаќка си го прават своето. СДСМ соочен со катастрофалниот рејтинг меѓу граѓаните според експертите ќе направи се, избори да не се случат. Партијата на секој начин ќе се обидува да го одолговлекува договореното во Пржино и секојдневно да поставува нови услови за одржување на изборите. Еден од нив е и Законот за медиуми кои Македонија под покровителство на ОБСЕ и Европската Унија го донесе пред нешто повеќе од една година. Овој Закон не е дел од Договорот од Пржино, а однесувањето на медиумите во предизборниот период е дефинирано со Изборниот законик кој беше донесен пред неколку месеци со консензус на најголемите политички партии.

За ВМРО-ДПМНЕ нема дилема дека во април, граѓаните ќе ја добијат можност да го кажат својот став на избори.

Да не се бега од граѓаните пред Нова Година порача и лидерот на ДУИ.

Во вакви околности Зоран Заев и неговата партија остануваат единствените на политичката сцена кои се против априлските избори. Но тоа не е ништо ново за СДСМ. Опозициската партија се заканува со бојкот на сите 5 изборни циклуси во последните 5 години.