Балкан
16. July 2017 - 10:39

Над милион луѓе во Истанбул учествуваа во митингот за одбележување на годишнина од обидот за преврат

Над милион турски граѓани учествуваа на грандиозниот митинг синоќа наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули минатата година. 

Мостот над Босфорот, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километри, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки имало над еден милион лица. 

Мостот е симболично место, бидејќи оттаму почна обидот за пуч со тенкови. На мостот беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачкиот момент за неуспехот на пучот. 

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети. 

Церемонијалниот собир почна синоќа со конвој, на чие чело беше претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот. 

Митингот почна со пеење на националната химна и едноминутно молчене во спомен на загинатите, по што беше прочитана молитва за мртвите од Куранот за душите на загинатите 249 лица, кои беа споменати секој поединечно.

На предните места додека се читаше молитвата беа Ердоган и неговата сопруга, а исто така и претходниот претседател и сојузник на Ердоган, Абдула Ѓул, како и поранешната прва и досега едниствена жена премиер на Турција, Тансу Чилер. 

- Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера, рече Ердоган во своето обраќање. 

Турскиот претседателот изјави дека и оваа година ќе продолжат ноќните бдеења на граѓаните за демократијата.

Премиерот Бинали Јилдирим пристигна на мостото од Ченегелкој, истанбулски кварт, каде војници убија 17 граѓани за време на обидот за пуч. Заменик-премиерот Нуман Куртулмуш беше меѓу високорангираните владини претставници со премиерот. 

- Нема да заборавам и нема да дозволам никој да заборави за 15 јули, рече премиерот.

- Луѓето се уште се гневни. Борбата ќе продолжи, додека не остане ниту еден член на ФЕТО, рече тој.

Додека говореше Јилдирим голем број луѓе извикуваат „Смрт за пучистите“, апелирајќи за целосно чистење на луѓето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого властите го обвинуваат дека стои зад пучот.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на Парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2:32 минути по локално време, кога Парламентот беше подложен на напад од турски Ф-16 за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот. 

Во говорот во Анкара Ердоган изјави дека го потпише законот за враќање на смртната казна, доколку му биде доставен. - Ако таква мерка биде разгледана и усвоена во Парламентот, ќе ја потпишам без двоумење, рече тој.