Свет
9. December 2015 - 12:42

Над девет илјади лица убиени од почетокот на конфликтот во Украина

Над девет илјади лица се убиени од почетокот на конфликтот во источна Украина, кој избувна во април 2014 година, покажуваат податоците објавени денеска од Обединетите нации.

Вкупниот број на жртвите е најмалку 9.098 загинати и 20.732 ранети, се наведува во тримесечниот извештај на Високиот комесаријат на ОН за човекови права. Податоците се однесуваат на цивили, воени лица и членови на вооружени групации.

Во периодот меѓу 16 август и 15 ноември се убиени 47 цивили, а ранети се 131, се вели во извештајот и се додава дека конфликтот во некои делови на источна Украина во моментов не е толку интензивен.

Во извештајот се напоменува дека најчести причини за новите жртви се претежно неексплодирани бомби и рачно изработени експлозивни средства. 

Експертите нагласуваат дека приливот на муниција, оружје и борци од Турција, кон териториите, контролирани од вооружените групации продолжува и тоа ја прави ситуацијата крајно нестабилна. 

- Останува сериозната загриженост по повод состојбата со човековите права, вклучувајќи ги континуираната неказнивност, мачењата и недостигот на правна држава во источна Украина, како и тешката хуманитарна состојба за жителите на засегнатите региони и внатрешно раселените лица, се вели во документот. 

- Во зоната на конфликтот живеат околу 2,9 милиони лица и тие се соочуваат со потешкотии во остварувањето на своите економски и социјални права, специјално на пристапот до квалитетна медицинска заштита, живеалиште, социјални услуги, отштета за оштетениот, одземениот и ограбениот имот, се нагласува во извештајот.