Македонија
8. May 2016 - 13:35

Над 8.000 учесници на „Виз Ер Скопски Маратон“

Над осум илјади лица учествуваат на 12-то издание на Виз Ер Скопски Маратон, што се одржува денеска низ улиците на главниот град. Меѓу учесниците на стартот внимание привлекоа 10-те маскирани анонимни тркачи кои држејќи се заедно како една целина беа вистински визуелен симбол на 5-та глобална цел - Родова еднаквост. Оваа цел е една од 17-те глобални цели за Одржлив развој на Обединетите нации кои беа усвоени оваа година и кон кои треба да се стремат скоро сите држави во светот.  

Десетте маскирани лица со трчањето на 5-километарската трка покажаа дека без разлика на полот, секој има еднакви шанси да биде победник на маратонот или пак на било која трка во животот.

На 5-километрската трка на десетте маскирани лица им се приклучија и телевизискиот водител, Марко Новевски и најдобрата кошаркарка на Република Македонија за 2015 година, Едина Муса.

- Трчањето на долги патеки, како што сите знаеме бара посветеност и упорност, а истото е потребно и за родовата еднаквост. Борбата за еднакви права помеѓу мажите и жените е маратон од историски пропорции. Иако остваривме добар напредок кон оваа цел, сè уште ни преостанува многу за одење, изјави Луиза Винтон, постојан координатор на ОН во Република Македонија.

Како дополнување на овој хепенинг кој предизвика воодушевување на плоштадот „Македонија“ беше и слетувањето на падобранот на кој се вееше знамето на 5-та глобална цел, а водено и симболот на Родовата еднаквост.

Најдобрата кошаркарка на Македонија Едина Муса изјави дека како спортист, секој ден се труди да даде кош за еднаквост. - Благодарение на агенциите на Обединетите нации, Делегацијата на Европската унија и Скопскиот маратон денес имавме можност да испратиме силна порака за родовата еднаквост. Нашите костими ја претставуваат еднаквоста и можноста било кој да победи на маратонот, без разлика дали е познат, анонимен, маж или жена. Родовата еднаквост е неопходен предуслов за мирни, просперитетни и одржливи општества, додаде Муса.

Влегувањето на целта на 12-те маскирани тркачи беше проследено и со 20-те млади поддржувачи кои со инспиративни и оптимистички пораки за Родовата еднаквост ја поддржаа целата невообичаена активност која ќе остане запаметена во годинешното издание на маратонот.

Марко Новевски во оваа пригода рече дека Родова еднаквост значи дека и жените и мажите треба да имаат еднаков пристап до образование, здравствени услуги и квалитетни работни места. - Токму тоа е суштината на петтата цел за одржлив развој на Обединетите нации што светот се обврза да ја оствари до 2030 година. Поради тоа денеска нѐ видовте како сите заедно трчаме на 5-километарската трка организирана од Скопскиот маратон и даваме поддршка за остварување на оваа многу значајна глобална цел, која нѐ засега сите, додаде Новевски. 

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската унија. Наградниот фонд на маратонот изнесува 17.100 евра.

Се трчаат четири трки-маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5.000 метри. И годинава ќе има конкурси за избор на најдобар транспарент и за најдобра фотографија.

Оваа година „Виз Ер Скопскиот Маратон“ е дел од онлајн платформата Codoon, која е наменета само за кинески корисници. На оваа платформа доброволно се пријавуваат лица кои ќе трчаат на различни локации во Кина, во исто време кога се одржува и маратонот во Скопје на 8 мај. Скопскиот маратон традиционално се организира по повод Денот на Европа.