Македонија
19. August 2017 - 9:35

Над 60 филмови на осмиот „МакеДокс“

Со македонската премиера на документарниот филм „Со љубов“, снимен по сценарио на Атанас Георгиев и во режија на Илија Цветковски, вечер ќе биде отворен осмиот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе се одржува до 25 август во и на платото пред Куршумли-ан во Скопје. Посетителите ќе можат да погледнат 68 филмови во пет сегменти: Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма.

Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“. Годинава на фестивалот посебно внимание се посветува на снимателите т.е. на директорите на фотографија, а особено во докуменатрниот филм. 

Оваа година за „МакеДокс“, како што информираа организаторите, аплицирал 2.791 филм од 120 држави, но само 68 се во програма, кои помалку користат говор, но повеќе раскажуваат со своите слики. На фестивалот ќе биде прикажан уште еден македонски филм, „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на ТВ Телма.

Во Главната програма на фестивалот се седум филмови кои ќе се натпреваруваат за наградата „Голем кромид“. Одлуката ќе ја донесе жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски, режисер и документарист на играни и документарни филмови и Туе Стин Мулер од Данска.

За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав: Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки. За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.

Годинава, првпат на „МакеДокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм „Сечкан кромид“, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.

Сите филмови што ќе бидат прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер. Наградите, што ќе бидат доделени на последната вечер на фестивалот, се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.

Земја во фокус годинава е Грузија. Според организаторите, Грузија не е одбрана случајно и изобилува со стара и со напредна кинематографија. Првата кино проекција во Грузија се случила во 1896 година, а во 1909 година се снимил првиот долгометражен грузиски филм. На 8. „МакеДокс“ ќе може да се проследи избор на седум најнови грузиски документарци, шест долгометражни и еден краткометражен. 

Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“ на која предавањата од 21 до 25 август во Даут-пашин амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стин Мулер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.

На отворањето на фестивалот ќе настапи „Фолтин“, на 23 август словенечкиот ансамбл со специфичен израз „Брина“, а на затворањето на фестивалот македонската група „Баклава“.

Во рамки на „МакеДокс“ се Док-муабетите под смоквата на кои авторите, но и публиката, имаат можност одблиску да се запознаат меѓусебно. Ќе има и промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ на Маријана Котевска Георгиева и фото-изложба „Расприкажани слики од грузиски ракурс“.

Агенцијата за филм и Министерството за култура во рамки на спроведувањето на програмата „Креативна Европа“ (Култура и МЕДИА) ќе организираат промотивен настан, кој ќе се одржи на 23 август во 11 часот, во медиа-центарот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА - потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.