Бизнис
10. May 2016 - 19:40

Над 500 животни во 14 општини усмртени за да се спречи ширење на јазлеста кожа

Македонија е прва земја во регионот  која ќе спроведе целосна вакцинација против болеста јазлеста кожа.

До крајот на месецот ќе пристигнат вакцините со кои ќе се вакцинираат вкупно 225 000 грла.

Досега болеста е потврдена во 14 општини во Источна Македонија. Вкупно 39 животни биле заболени, а 524 се потенцијално афектирани, односно биле во контакт со заболените, поради што ќе бидат нештетно усмртени и отстранети.

Сточарите ќе бидат целосно обештетени.

Надлежните уште еднаш потсетија дека забраната за предавање на млекото од болните животни во млекарници надвор од жариштата, е за да се спречи евентуалното ширење на болеста и намалување на економските штети и дека  јазлестата кожа не е опасна за луѓето.

Климатските промени го земаат својот данок. Болеста јазлеста кожа типична за афричкиот континент се прошири и во Европа. Преносители се инсектите.  

Во земјава се појави на 18ти минатиот месец откако претходно беше регистрирана  во Турција, Грција и Бугарија. Се превземаат сите неопходни мерки за да се спречи ширењето на вирусот  иако клучна ќе биде вакцинацијата.