Свет
20. December 2016 - 17:29

Над 50 отсто Французи сметаат дека политичарите се корумпирани

 Вкупно 54 отсто од Французите сметаат дека лицата „кои вршат значајни функции или се на власт“ се корумпирани, покажува анкетата на агенцијата „Харис“.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, по објавувањето на ваквата анкета се огласи организацијата за борба против корупцијата „Транспаренси интернешанл“ која објави извештај за корупцијата во текот на мандатот на актуелниот француски претседател Франсоа Оланд и се даваат некои препораки за следниот шеф на државата.

Во извештајот се посочува дека мандатот на Оланд бил обележан со скандали, како тој со поранешниот министер за буџет Жером Каузак, кој деновиве беше осуден осуден за даночно затајување.

Овие афери ја натераа Владата да преземе серија мерки, кои помогнаа малку да се променат нештата, смета организација, која го поздравува почетокот на „културните промени“ во Франција, особено создавањето на Високиот орган за транспарентност на јавниот живот, тело во кое се проверува имотната состојба на избраните претставници и кој открива евентулани конфликти на интереси.

„Транспаренси интернешанл“ исто така го поздравува ограничување на кумулацијата на мандатите, што ќе стане правило во 2017 година и кое се очекува да го намали клиентализмот. 

Овие неколку позитивни примери, сепак, не треба да го засенат долгиот пат што треба да се изоди, смета „Транспаренси интернешанл“.

Организацијата се осврнува и на влијанието на лоби групите при носењето на законите и препорачува „проширување на дефиницијата на помиот лобист за сите организации кои се обидуваат да влијаат на јавните одлуки, без разлика дали се јавни или приватни  и да се обезбеди нивно систематско регистрирање“.

Покрај тоа, се бара ограничување на мандатите на најмногу три и спроведување на план за спречување на корупцијата во локалните власти. 

„Транспарентси интернешанл“ исто така предлага и зголемена контрола од страна на граѓаните, на кои би им се овозможило да поставуваат секакви прашања или да доставуваат предлози до двата парламентарни дома, како и можност „граѓаните и засегнатите страни“ да бидат консултирани за проекти и предлог-закони пред нивното разгледување од страна на Собранието.

Организацијата бара од пратениците и од кандидати и политичките партии учесници на изборите јавно да ги објавуваат своите трошоците.

„Транспаренси интернешанл“ предлага сите кандидати на изборите да доставуваат потврди дека не се осудувани и секој министер и јавен функционер назначен од страна на Владата прво да поднесе изјава за својата материјална состојба.