Бизнис
17. October 2017 - 13:06

Над 445 илјади граѓани во ризик од сиромаштија

Во Македонија 445 илјади лица живеат во ризик од сиромаштија, односно со помалку од 6.500 денари месечно. Десет проценти од нив се вработени, но исто така живеат во ризик од сиромаштија. Највисок степен на сиромаштија имаат семејствата со три или повеќе деца. 

Сето ова, како што вели професорката Маја Геровска Митева, укажува на потребата од редефинирање на мерките на социјалната заштита и комбинирање со други мерки за помош на лицата кои живеат во ризик од сиромаштија, што како што истакна има за цел и одбележувањето на Меѓународниот ден  за борба против сиромаштија 17 октомври.

- Домаќинствата со три и повеќе деца имаат највисок степен на сиромаштија, односно 52 проценти од нив живеат во ризик од сиромаштија. Од друга страна, основниот инструмент кој е насочен кон оваа категорија лица, а тоа е социјалната парична помош, не се зголемува со бројот на деца доколку имаат повеќе од три. Затоа е потребно интервентно редефинирање на таа мерка, рече Геровска Митев на одбележувањето на овој ден што се одржа на Институтот за социјална работа и социјална политика.

Како една од мерките кои можат да ги подобрат состојбите, смета таа е висината на основицата за социјална парична помош да биде поврзана со висината на минималната плата, но процентот да варира зависно од бројот на членови на семејството, но и комибирање на права од социјална заштита и други права.

- Споредбените искуства покажуваат дека секаде системот на социјална заштита е поврзан со други права, како право на поддршка во домувањето, право на олеснување на трошоците во образованието итн. Тоа значи отворање или интегрирање на системот за социјална заштита со други мерки што заедно ќе помогне на оваа категорија граѓани за излез од ризикот, вели таа.

Според неа, потребни се и дополнителни начини за мерење на сиромаштијата во Македонија. Во моментов официјалниот метод за мерење на сиромаштијата се приходите. Во минатото, односно до 2010 официјален бил расходниот пристап.

- Напуштањето на расходниот и мерењето само на приходниот пристап е проблем бидејќи и оние коишто заработуваат, најмногу, но и оние коишто соработуваат најмалку не секогаш реално ја пријавуваат висината на приходите. Затоа потребно комбинирање на овие два пристапи, рече Геровска Митов.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Елми Азири истакна дека Министерството сите надоместоци кои државата ги дава за социјално ранливите категории и граѓани треба да ги пратат зголемувањето на стандардот на граѓаните, зголемувањето на просечната плата, трошоците за живот и оти паричната помош треба да се прилагодува на овие критериуми. Во таа насока, рече ќе оди и социјалната парична помош.

За евентуално зголемување на бројот на права, тој истакна дека треба да се увиди сегашната состојба, да се отстранат грешките во доделувањето на ваквите права па дури потоа да се утврди дали има потреба од воведување нови.