Бизнис
21. March 2017 - 12:48

Над 400 изложувачи на Саемот на мебел

Над 400 домашни и странски изложувачи - производители, трговци и дизајнери од денеска до 26 март се дел од 43-от Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел - МЕБЕЛ 2017 на Скопски саем.

-  Секоја година над 50.000 посетители ги следат уникатните модни дизајни кои се нудат на МЕБЕЛ. Две години по ред овој саем го руши рекордот со 11-те хали.  Покрај од Македонија учесници има од Босна и Херцеговина, Грција, Италија, Словенија, Србија и Хрватска. Овој Саем полека се надминува себеси со креативноста, можностите и оригиналноста на модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво, рече денеска на отворањето на оваа саемска манифестација Магдалена Хамбова, проект менаџер во Скопски саем.

 

На Саемот се присутни и долгогодишни изложувачи и некои кои излегуваат првпат. Сите очекуваат позитивен ефект во овој период кога, како што велат, е намалена побарувачката и поради актуелната состојба во државата, но и поради нелојалната конкуренција.

Благоја Крстевски од Вардар Мебел традиционално и годинава е на оваа саемска манифестација и очекува да го реализираат и остварат минатогодишниот промет со оглед на вкупните политички и економски состојби во земјава.

- Кризата влијае на работата и се обидуваме да направиме приспособување на условите и состојбата во земјата и така да успееме да го задржиме прометот на ниво од минатата година, истакна тој на отворањето на саемската манифестација.

Според Виолета Каратошева од Карат М,  состојбата во дрвната индустрија во моментов се наоѓа во стагнација. Вели има слаба побарувачка и слаба реализација, а како причина ги наведе и нелојалната конкуренција и општата состојба.

- Најголемиот проблем се дивите производители и тие се главната конкуренција, истакна Каратошева.

Како проблем нелојалната конкуренција ја посочи и Александар Пенев од Акрон, кој истакна дека таа е долготраен проблем во оваа индустрија од која немаат корист ниту производителите, ниту потрошувачите.

Истакна дека како производител кој го пласира најголемиот дел од производството на домашниот пазар кризата во земјава се одразува и на продажбата на мебел. 

Дека има влијание кризата посочи и Алејдин Беќири од Хелга компанија од Тетово од каде 90 проценти од производството се пласира на странски пазари, но она што оди на домашниот пазар, како што рече тој, се забележува влијанието врз побарувачката.

Првпат на оваа саемска манифестација учествува Урбанолд кои повеќе години редизајнираат и обвновуваат парчиња мебел. Најчесто, како што велат, интерес има за редизајнирање на секаков вид мебел кој е стар 60,70 па и 100 години и целта е да се продолжи неговиот век на траење.

Традиционално ќе се организира стручно оценување на пријавени експонати и ќе бидат доделени признанија на најдобрите учесници на саемот, во две категории: производители и трговци. Стручната комисија е составена од претставници од Архитектонски факултет, Факултетот за дизајн и технологија на мебел, Асоцијација на архитекти, Кластерот на дрвна индустрија и од Министерство за економија на Македонија.

На МЕБЕЛ 2017 учество ќе учествуваат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови. Воедно, и изложувачите имаат свои изненадувања и попусти за посетителите во согласност на своите понуди.

На годинашниот Саем на мебел на сите посетители со МоетоОмиленоПарчеМебел им се овозможува интересен шопинг предизвик. За да учествуваат треба да го посетат Саемот, да направат фотографија од нивното омилено парче мебел и да го објават на нивниот Фејсбук профил како јавен пост, со хаштагот МоетоОмиленоПарчеМебел. Откако, ќе го направат тоа, фотографиите со најмногу лајкови ќе бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.

Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и студенти 50 денари.