Македонија
31. March 2017 - 16:14

Над 200 работници затруени од храна во фабрика во Тетово

Вистинска драма утринава се случувала во тетовската болница, кога за краток период примиле околу 200 работници од фабрика во слободната индустриска зона со симптоми на труење. Речиси сите вработени од ноќната смена, два часа по вечерата почнале да се жалат на болки во стомакот, повраќање и вртоглавица. Тетовската брза помош повикала и засилување за да им помогнат на затруените. На некои им дале медицинска помош на лице место а над стотина ги транспортирале во болницата. Неофицијално, во возило сместувале и по неколку лица за да можат навреме да реагираат. 

-Ситуацијата беше драматична, бидејќи во исто време имате стотина кои бараат помош. Повикавме дополнителни екипи, но ние сме подготвени така да на сите што побараа им беше укажана прва помош, изјави Гзим Нуредини, началник на Брза Помош во Тетово

Во клиничката болница во Тетово официјално евидентирале 183 затруени лица, а според информациите дваесетина завршиле и во гостиварската болница. За среќа, по добивањето на соодветен медицински третман, само едно лице е задржано во болница а сите останати се пуштени на домашно лекување.

-Со нашите ресурси со кои располагаме успеавме да се снајдеме. За нас најважно е што во моментот имас само еден хоспитализиран, но и тој е во добра здравствена состојба. Сите лица пројавиле исти симптоми, и ние веднаш утрово направивме и координативно тело за да нема дезинформации, изјави Флорин Бесими, директор на клиничка болница Тетово.

Работниците во мензата јаделе макарони со сос од месо, а храната ја обезбедувала приватна пекара од тетовскиот регион.

стенд уп -Најголемата гужва во болницата била од 4 до 8 часот изутрина, кога имале над стотина работници со симптоми на труење. Дел биле примени на одделението за итерна медицина а дел на одделението за инфективни болести.

По земените мостри од храната од страна на санитарниот здравствен инспекторат и агенцијата за храна, за два дена ќе биде познато која е причината за труењето на работниците. Во меѓувреме во фабриката  увид направиле јавен обвинител со екипа од тетовската полиција и надлежни инспекциски служби.