Македонија
1. јуни 2016 - 13:58

Нацрт-верзијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација готова во септември

Во тек е изработката на новата Стратегија за реформа на јавната администрација за следниот петгодишен период. Првата Нацрт верзија се очекува да биде готова во септември годинава.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски денеска на прес-конференција информира дека е формирана меѓуресорска работна група и подгрупи кои се задолжени за пет тематски области, дефинирани согласно препораките од анализата на СИГМА/ОЕЦД. Станува збор за областите за развој на политики, за стратешко планирање и координација, за управување со човечки ресурси, за јавни услуги и ИТ поддршка на администрацијата, за организација на државната власт, централна власт, локална самоуправа, како и за антикорупција, транспарентност, отчетност и одговорност. 

- Реформата на јавната администрација останува еден од клучните приоритети во агендата на Владата на Република Македонија. Основна цел на овој перманентен процес е македонската јавна администрација да се приспособи кон потребите на современото општество. Министерството за информатичко општество и администрација, кое од 2011 година е носител на овој процес, ќе продолжи и во иднина со интензивно преземање на активности и конкретни мерки, а со крајна цел воспоставување ефикасна, стручна, економична и целосно сервисно ориентирана администрација. Од огромна помош, како стручна, така и техничка и финансиска, е и поддршката што ни ја обезбедува ОЕЦД/Мисијата на СИГМА во Скопје, како и Делегацијата на Европската унија, истакна Муцунски.

Тој додаде дека во изработката на документот активно се вклучени претставници на невладиниот сектор и академски професори, а предвидени се и консултации со бизнис заедницата. Планирано е да се одржат и јавни дебати кога ќе биде готова Нацрт-верзијата.

- Согласно Деловникот за работа на работната група, сите изготвени предлог материјали, ќе бидат јавно достапни и отворени за увид и коментари, преку Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (www.ener.gov.mk), рече Муцунски.

Според него, отворениот пристап во изработката на документот треба да придонесе кон создавање квалитетен стратешки документ чија цел е подобрување на квалитетот на државната администрација.