НА ТЕРАПИЈА

Loading Video...

„На терапија“ е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца, во продукција на КИНО ОКО. Емитувањето на серијата ќе започне во септември 2017 година.

Серијата, во која глумат домашни актери, содржи 45 епизоди адаптирани од македонски автори и реализирани со екипа од македонски ТВ и филмски професионалци.

Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел и е креирана од Нир Бергман, Ори Сиван и Хагаи Леви. Леви е познат и по работата на серијата „The Affair“ наградена со неколку Златни глобуси.

Дејствието на серијата се одвива околу приватниот и професионалниот живот на психотерапевт кој во текот на петте работни дена работи со своите пациенти на нивните проблеми, за во слободното време и самиот да побара стручна психијатриска помош. Секоја епизода е фокусирана на ликот на одреден пациент и неговиот однос со главниот лик: суицидална пливачка на тинејџерски години; професионален војник кој ги преиспитува своите постапки; жена која има еротска фиксација кон терапевтот; брачен пар кој не може да се соочи со обврските на родителство; како и сопругата на психотерапевтот која се обидува да го спаси нивниот брак кој е во криза.

Серијата постигнува огромен успех во матичната земја и освојува награди за најдобра драмска серија, најдобар актер, најдобра актерка, најдобро сценарио и најдобра режија од израелската Акедемија за филм и телевизија.

Во 2008 година лиценцата за серијата ја откупува американската мрежа „HBO“ која продуцира три сезони. Во улога на психотерапевтот се појавува познатиот актер Гебриел Брн, а епизодните улоги ги играат популарните глумци Мишел Форбс, Дајен Вест, Миа Васиковска, Мелиса Џорџ, Дебра Вингер и други.

Серијата веднаш се здобива со популарност, ласкави критики и неколку високи признанија, вклучувајќи ги наградите „ЕМИ“ за најдобар актер и актерка, наградата „Златен глобус“ за најдобар актер и наградата за нова серија на Синдикатот на писателите на Америка (Writers Guild of America).

Концептот на серијата доживува планетарен успех и се снимаат посебни верзии за Канада, Аргентина, Бразил, Јапонија, Чешка, Полска и Италија.

Во Балканскиот регион досега се снимени романска верзија (HBO Central Europe), словенечка верзија (POP Brio) со Игор Самобор во главната улога, српска верзија (Fox Television) со Мики Манојловиќ во главната улога и хрватска верзија (HTV).

Во македонската верзија на хит серијата игра исклучителна актерска екипа предводена од Никола Ристановски во улогата на психотерапевт, заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска.

Широката популарност и гледаност на серијата „На терапија“ се должи на интелигентниот концепт и на маестрално изградените карактери со чии уникатни животни приказни може да се идентификува секој гледач.

Низ призма на личното, „На терапија“ ги отсликува колективните потешкотии со кои се справуваат македонските граѓани во секојдневниот живот. Во 45-те епизоди се обработуваат низа тематики, почнувајќи од граѓански активизам и човекови права, полова нееднаквост, семејно насилство, ксенофобија, корупција, слобода на медиуми, право на сексуална ориентација, однос кон децата и тинејџерите во општеството, традиционален наспроти модерен начин на живот, и ред други прашања.