Фудбал
9. јуни 2017 - 13:07

На Скопје му треба уште еден стадион, Вардар нема каде да игра ЛШ!!!

„Оваа година во Скопје на Арената „Филип Втори" ќе се одигра финалниот натпревар од европскиот Супер-Куп помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Тоа е еден голем настан за промоција на нашата земја, и за нашиот главен град, и ние како клуб, а веруваме и секој граѓанин, се гордееме што ќе биде организиран еден натпревар од такво ниво во нашата земја.
Претходно, поточно во месец јули, ФК Вардар го очекуваат натпревари од Лигата на шампионите со противник кој што ќе го дознаеме на 19. јуни. Нашиот тим има исклучително тешка задача на патот до успехот, за кој сонуваат многу, многу генерации.
Во последните три години вложуваме во Вардар се со цел да ја видиме нашата спортска гордост во друштво со најдобрите европски фудбалски тимови. Добро е познато како минавме лани, кога малку среќа недостасуваше да го направиме тој прв чекор кон успехот. Меѓутоа нашите цели оваа сезона се доведени под големо прашање со оглед одлуката да бараме друг стадион за играње на натпреварите од Лигата на шампионите. Одлуката е Националната Арена „Филип Втори" да не биде достапна се до одигрувањето на Супер-Куп натпреварот во август. Од тука постои ризик најважните натпревари на Вардар, кој што сите со нетрпение ги очекуваме, и за кои макотрпно се боревме во текот на целата измината сезона, да бидат одиграни некаде на друго место, па, дури и во друга држава.
Со таа одлука ни е скратена можноста рамноправно да се бориме со противникот во Лигата на шампионите, и да ја исполниме нашата главна цел. Односно, нашиот противник ќе биде во огромна предност доколку бидеме принудени да го играме натпреварот на друг стадион, во друг град или на крајот на краиштата и надвор од Македонија.
Нашите амбиции остануваат исти, сакаме и ќе се бориме макотрпно да го видиме Вардар во Лигата на шампионите, со што овој спортски колектив ќе доживее уште еден голем успех после освоената европска титула на ракометарите. Но, со неиграњето во сопствениот дом, тие амбиции и дефинитивно ќе бидат далеку намалени.
Во изминатите години вложувавме, и во наредните ќе вложуваме за да видиме еден успешен Вардар во Европа. За да го исполниме нашиот и сонот на многумина љубители на Вардар, ќе треба да играме на нашиот стадион, а не на неутрален терен, на кој противникот би бил во далеку подобра позиција, а ние би ја немале поддршката од нашите навивачи.
Бараме да има разбирање од сите засегнати страни, и да ни биде овозможено да ги играме европските натпревари на Националната Арена „Филип Втори" во Скопје. Сметаме дека стадионот има капацитет за одигрување на натпреварите, и нашето играње во Лигата на шампионите, во ниту еден момент, нема да го загрози мечот од Супер-Купот на УЕФА. Сакаме да ни биде овозможено да бидеме рамноправни против секој тим во Лигата на шампионите. Затоа што сметаме дека во Скопје, пред полни трибини пред нашите навивачи можеме успешно да се носиме со секоја екипа, а тоа го покажавме и во изминатите две години. Сега кога го имаме потребното искуство, кога во екипата има одлична шампионска атмосфера, кога и најмалата шанса мора да биде искористена, не треба да се селиме и да играме на други стадиони и во други градови. Дозволете ни да играме на „Арената" во Скопје. Се друго за нас ќе претставува голем хендикеп со кој огромни загуби трпи клубот, фудбалот, спортот, и Република Македонија“, се вели во соопштението на ФК Вардар.