Бизнис
10. September 2016 - 16:22

На што се должи падот на невработеноста во Македонија на историски најниско ниво од 24%?

Невработеноста во Македонија падна на историски најниско ниво од 24%. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека активното население во земјава во вториот квартал броело 948.376 луѓе. Од нив, 720.674 се вработени, а 227.702 се невработени.
 
Стапката на вработеност изнесува 42,9%, а стапката на невработеност 24%.
 
- „Ако е сè како што треба, и во 2017 година ќе има повидлив пад на невработеноста, дури и повеќе од предвидувањата на Владата, односно и под 22% во првите шест месеци. Сепак, тоа ќе се случи ако имаме стабилни политички и економски односи во државата“ – вели доцентот од Правниот факултет, д-р Лазар Јовевски.
 
Бројките на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на невработеност во второто тримесечје е намалена за 0,5% во однос на првото тримесечје, а за цели 2,8% во однос на истиот период минатата година. Во апсолутни бројки, за една година се отворени 21 илјада нови работни места.
 
Ако се анализираат податоците на Државниот завод за статистика може да се заклучи дека невработеноста од 2006 до сега е намалена за цели 12%.Тогаш изнесувала 36%, а сега е 24%.
 
Убедливо највисоки стапки на невработеност во земјава се регистрирани во 2003, 2004 и 2005 година, и тоа од 36,7%, 37,2% и 37,3%. Активното население во 2005 година, кога стапката на невработеност е огромни 37,3% изнесувало 545.253 луѓе. Стапката на вработеност била 37,9%.
 
- „Вкупно во државава има регистрирани 720.000 вработени, за разлика од 2006 кога влеговме во Владата кога беа некаде околу 560.000.  Тоа значи дека 160.000 луѓе повеќе се вработени отколку во 2006 година. Улогата на политичарот е да ги решава главните проблеми на граѓаните. Ако главниот проблем е невработеноста и ако за овој период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ сме отвориле нови 160.000 работни места, односно 160.000 граѓани се вработиле, тоа значи дека ние сме ја погодиле целта и сме го вложиле нашиот труд и нашиот фокус на вистинското место. И тоа има свои резултати што мене ме прави задоволен“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
 
- „Заштедата на компаниите со новите вработувања е голема и изнесува 1.500 евра за едно лице. Со оваа мерка се намалува невработеноста во државата што е еден од условите за успешна реализација на проектот. Со овој проект се отворени  18.900 нови работни места во државата“ – вели дополнителниот заменик – министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.
 
- „Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност“ – објаснува професорот Јован Пејковски.
 
Во исто време, се зголемува и бројот на нови работни места во слободните економски зони, до крајот на годинава се очекува да бројат над 7 илјади вработени.
 
- „Компаниите кои веќе се инвеститори ни помагаат да ги привлечеме или да ги „нападнеме“ оние кои сакаат да инвестираат. Во моментов преговараме со повеќе компании, поголем број од нив се од автомобилската индустрија“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
 
- „Спроведените реформи се позитивни и имаме добри, позитивни резултати. Ние се покажавме како една бренд дестинација за странски инвеститори“ – вели претседателската на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.
 
Со растот на вработеноста, ДЗС соопшти и дека растот на БДП во вториот квартал е 2,2%, нешто подобар во однос на првото тримесечје. Работите се придвижуваат, главниот генератор на растот е градежништвото со позитива од цели 31%.
 
Македонија во време на најголемата политичка криза во првото полугодие од 2016 успеа да испорача економски раст од 2,1%. Сепак, резервираноста е се уште присутна. Има пад кај јавната и кај приватната потрошувачка, но раст бележат бруто – инвестициите од 9,2%. Извозот во вториот квартал пораснал за 7,1%, увозот за 6,9%.