Бизнис
26. May 2017 - 21:31

На саемот за вработување во Штип 25 компании нудат работа

На вториот по ред Саем за вработување во Штип, во галеријата „Безистен“, 25 компании од источниот регион нудат работни места за невработените лица. Тие оставаат свои биографии на штандовите на компаниите,но можат да аплицираат и електронски, а според искуството од првиот Саем, имаше доста вработувања токму од посетителите на тој ден.

-Најбитниот момент за кои што ги организираме овие Саеми сега и во иднина ќе биде да ги мотивираме младите луѓе да избираат вистинска професија, која што ќе им даде работно место, изјави Влатко Поповски, Директорот на Агенцијата за вработување

Овие средби се одлична можност невработените, а пред се младите, да се запознаат со вистинските потреби на работодавачите.

-Моментално работни позиции кои ги нудиме се оџачари, електричари, водоинсталатери, економисти и правници-изјави Емилија Георгиевска, „Идеал Логистик“- управување со станбен и деловен простор

На Саемот се претставија и странски компании кои отвараат свои погони во Кочани, Виница и Пробиштип.

-Нудиме повеќе од 120 работни места за почеток, во првата година, а понатаму ќе бидат и повеќе од 200 работни места-изјави Кица Стојковска, „Краунфилд Фаундри“ - Пробиштип

-Постојано се вработуваат млади луѓе, имаме можности за вработување и унапредување на работни места во зависност од тоа за кое соодветно работно место е секој способен. Бројката е сега околу 1150 и постојано се зголемува-изјави Стојанче Анастасов, „Амфенол“- Кочани

Според анализите на Агенцијата за вработување на Саемите во 2014 и 2015 година се претставиле над 750 компании пред 79.000 посетители.  Компаниите примиле над 21.000 барања за работа, од кои 2100 лица директно се вработиле.