Свет
7. April 2016 - 8:48

На референдумот во Холандија 61,1 отсто од гласачите се изјасниле против договорот ЕУ-Украина

Вкупно 61,1 процент од гласачите на вчерашниот референдум во Холандија се изјаснија против договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина, покажуваат првичните резултати по пребројувањето на гласовите во сите холандски општини.

Поддршка на договорот му дале 31,8 отсто од гласачите.

Избирачката активност на референдумот изнесувала 32,2 процента, со што е надмината границата од 30 отсто, која е неопходна за гласањето да биде валидно.

- Јасно е дека негативниот одговор победи со огромна разлика. Ако избирачката активност е над 30 отсто, тогаш големата предност на одговорот „НЕ“ значи дека не може да се пристапи кон ратификување на договорот, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

Холандската Влада сега е пред голем предизвик дали да му предложи на Парламентот да го стави во сила договорот за асоцијација, без да ја почитува волјата на народот или да одбие да го ратификува, што сериозно ќе ги заостри односите меѓу Холандија и ЕУ.