Балкан
1. јуни 2017 - 19:16

На изборите во Албанија ќе учествуваат 18 политички субјекти

На парламентарните избори во Албанија. што ќе се одржат на 25 јуни, во трка за пратеничко место ќе учествуваат 18 политички субјекти.

По спроведеното ждребување, под број еден на гласачкото ливче е Движењето за социјалистичка интеграција, под број два е Социјалистичката партија, додека Демократската партија е на шестото место на гласачкото ливче.

Меѓу овие три партии всушност ќе се води и главната битка за 140-те пратенички места во новиот албански законодавен дом.

На кандидатските листи  се и тројца Македонци. Васил Стерјовски е на листата на Движењето за социјалистичка интеграција и е единствен кандидат на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која на овие избори е во коалција со движењето. Тој има и најмногу шанси да се запише како прв пратеник предложен од македонската партија, бидејќи е на петто место во листата за Изборната единица Корча.

Во листата на оваа партија за изборната единица Корча се наоѓа уште еден Македонец, Ефтим Митре од Глобочани, Мала Преспа, но како кандидат на Движењето за социјалистичка интеграција.

Во истата изборна единица, за пратеничко место ќе се трка и Македонката Едлира Доневски, по потекло од Мала Преспа, а живее во Корча. Таа е  на кадидатската листа на Социјалитичката партија на актуелниот премиер Еди Рама, чиј член е.

На кандидатските листи на ДП на Љуљзим Баша, како што потврдуваат од македонското друштво „Илинден“ нема ниту еден кандидат Македонец.