Македонија
30. November 2015 - 16:29

На границата со Грција денеска мирно - Економските мигранти повлечени

Протокот на бегалците на југот од државата тече непречено. Сите кои доаѓаат од кризните воени подрачја и имаат уредни документи и денеска без проблем се пропуштаат на македонска страна и се упатуваат во транзитниот центар.

На грчка територија и понатаму ги има таканаречените економски мигранти кои во саботата ги каменуваа македонските безбеднсни сили. За разлика од претходните денови кога се наоѓаа на самата гранична линија  и правеа провокации, денеска се повлечени дваесетина метри назад  и не прават никакви проблеми.

Дел од нив утрово се обиделе со лажни документи да влезат во државата и да го продолжат патувањето, но истите од страна на македонската полиција и војска биле откриени и вратени назад.

-Одредени проблеми со одредени мигранти има кои што доаѓаат со фалсификат документи. Истите се третираат и во разговор со службите некои се враќаат назад, некои се упатуваат за она што е за барање на азил. Бројот на пристигнати и регистрирани мигранти од текот на вчерашниот ден до денеска е околу 1300 мигранти,  регистрирани и заминати во исто време од привремениот транзитен центар во Гевгелија, вели Зоран Лазаревски – раководител на ЦУК - Гевгелија

Истовремено додека тече прифаќањето и регистрацијата на мигрантите во транзитниот центар интензивно се работи на проширување на содржините и подготовка за претстојниот зимски период.

Покрај обезбедување на стабилен проток на електрична енергија, за неколку дена големите шатори ќе бидат обложени со изолациски материјал, во шаторите веќе се монтирани тајфуни за згревање на просторот, а се работи и на подигање на уште три нови шатори кои ќе бидат наменети за ноќевање за оние мигранти кои ќе одлучат да одмараат пред да го продолжат патувањето.