Балкан
15. August 2017 - 18:51

На Балканот се уште има околу 10.600 исчезнати лица

На Балканот како исчезнати се уште се водат околу 10.600 лица од времето на воените судири во 90-те години на минатиот век, изјави денеска претседателот на српската Комисија за исчезнати лица, Вељко Одаловиќ.

Според него, времето не е сојузник во решавањето на ова прашање, бидејќи како тоа одминува проблемот со исчезнатите лица се потешко се решава.

- Има се помалку нови информации и подготвеност тие да се споделат со владините тела кои се занимаваат со оваа проблематика. Овој проблем е цивилизациси и хуманитарен, но и значајно политичко прашање и затоа треба да се реши за да се обезбеди стабилизација на регионот, порача Одаловиќ.

Тој нагласи дека исчезнатите околу 10.600 лица се колку жители на „еден мал град“.

- Зад тие 10.600 исчезнати лица стојат десетици или стотици членови на нивните семејства, како и луѓе кои се дирекно заинтересирани за нивната судбина. Затоа тоа е пречка да се тргне со полн капацитет кон нормализација на односите, смета Одаловиќ.