Бизнис
22. August 2017 - 14:03

МЗШВ: По осум години авионско снимање на територијата на цела Македонија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) од јуни до средината на август годинава, вторпат по 2009 година, изврши авионско снимање на целата територија на Република Македонија.

Согласно европските регулативи и препораки, како што соопшти, авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП).

- Со просторната идентификација на земјишни парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин, ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен, информира Министерството.

Во рамки на процесот ќе бидат произведени ортофото карти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето. Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот меѓу двете снимања. За таа цел, при крајот на тековната и во текот на 2018 година, во подрачните единици на МЗШВ ќе бидат повикани земјоделските стопанства кај кои е утврдено несовпаѓање меѓу состојбата на постојната ортофото карта од 2009 година и новата карта од 2017 година од аспект на површината на парцелата или користењето на земјиштето, со цел корегирање на воочените отстапувања.

Освен за спроведување на земјоделските политики на поддршка, новите ортофото карти и дигиталниот модел на теренот се достапни и наоѓаат широка примена и од страна на голем број органи на државна управа, единици на локална самоуправа и правни лица при извршување на нивните надлежности во просторното планирање и проектирање, јавната безбедност,...

Активностите на изработка на авионските снимки, ортофото картите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште се финансиски помогнати од ЕУ преку ИПА 2008 проектот „Изработка на ортофото карти и дигитализација на употребата на земјоделското земјиште и развој на ИТ софтвер за ЕРЗС регистарот, ФАДН системот и надградба на СИЗП софтверот“.