Македонија
25. јуни 2017 - 16:45

Муслиманите денеска слават Рамазан Бајрам

Муслиманите денеска слават Рамазан Бајрам. По едномесечнит пост во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зори до зајдисонце, денеска во сите џамии се служеше утрински Бајрам намаз.

Со празничната молитва утрово во Мустафа пашината џамија во СКопје раководеше поглаварот на ИВЗ.

Рамазан е празник кој муслиманите го слават три дена. Денови кога муслиманите се соединуваат со молитви и меѓусебни посети,  си ги простуваат грешките, им помагаат на сиромашните и заедно во љубов и  сплотеност го празнуваат Рамазан. На празничните трпези традиционално се служи рамазанската баклава која домаќинките ја подготвуваат уште во рани зори.

 Овој празник е деветиот месец во исламскиот календар и месец на почетокот на објавата на Куранот.

Честитки до поглаварот на ИВЗ и припадниците на исламската вероисповед во Македонија испрати претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.

– Во духот на празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам благосостојба, љубов и бериќет, стои во честитката.

Празникот го честиташе и премиерот Зоран Заев.

- Светите празници, како што е Рамазан Бајрам носат голема духовната сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност. Ова се вредностите што водат кон спокоен и среќен живот. А човекот може да биде вистински спокоен и среќен, ако живее во општество на спокојни и среќни луѓе, порача Заев.

Честитка до поглаварот на ИВЗ и сите верници  испрати и  претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

- Духовниот благодет од големиот празник и понатаму нека биде инспирација и водилка за напредок и успех во Вашите семејства и во сите полиња од Вашиот живот. Чесниот живот и посветеноста на семејството се основа на градење на добро и функционално општество. Дозволете да повикам на слога и заедништво во сите области кои се заеднички за нас и нашите граѓани. Заедно и искрено да продолжиме со традицијата која со векови ги одбележува животите на овие простори.

Честитки пристигнаа и од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

-Овие празнични мигови поминати во радост, мир и благосостојба се и мигови кога имаме можност уште повеќе да ги зацврстиме и унапредиме нашите долговековни принципи на градење соживот, меѓусебно разбирање и толеранција, стои во честитката.

Првиот ден од Рамазан Бајрам , понеделник е не работен ден за сите граѓани на РМ.