Свет
17. November 2017 - 15:18

Мугабе бара уште време за да поднесе оставка

 

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе денеска побара време од „уште неколку дена, уште неколку месеци“ за негова оставка, во преговорите што ги води со армијата, изјави првиот човек на влијателниот сојуз на ветерани Крис Муцавангва.

Муцавангва, кој е соработник на неодамна сменетиот потпретседател Емерсон Мнангагва, кој се очекува да ја предводи новата влада, рече дека во некој момент „меѓу сега и утре“ ќе го предупреди Мугабе дека играта е завршена.

 

- Ќе мора денеска да ја донесе одлуката за заминување. Ако не си отиде, тоа ќе го решиме утре, рече тој.

Муцвангва нагласи дека денешното прво појавување на Мугабе во јавноста, откако беше ставен во куќен притвор, е „преправање“.

Мугабе денеска првпат се појави во јавност на дипломска церемонија на Универзитет во предградие на Хараре. 

 

Во присуство на неколку илјади дипломци, Мугабе, облечен во академска наметка и шапка, ја отвори церемонијата и се придружи во пеењето на  националната химна.

Мугабе е во куќен притвор од средата, кога армијата ја презеде власта, а во земјата во тек се преговори околу неговото повлекување од функцијата.