Бизнис
19. August 2017 - 11:38

МТСП: Се враќа праведното решение за усогласување на пензиите согласно растот на трошоците за живот

Решението за усогласување на пензиите со растот на трошоците за живот е системско и праведно и со него пензионерите ќе добиваат покачување на пензијата секој месец. За разлика од еднократното усогласување од 630 денари што минатата влада го направи во ноември 2016 година, сегашната Влада го зглеми усогласувањето и секој месец секој пензионер ќе добие покачување на пензијата со што вкупниот дополнителен износ на крајот на 2017 година ќе изнесува 2.160 денари, истакнуваат од Министерството за труд и социјална политика. 

На крајот на годината, информираат од МТСП, Владата на Република Македонија ќе ја разгледа можноста да се изврши и дополнително зголемување на пензиите.

- Претходната влада. предводена од ВМРО ДПМНЕ, не предвидела никакво покачување на пензиите при донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2017 година. Со носењето на ребалансот на Буџетот за 2017 година, од страна на актуелната влада, обезбедени се средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година, се вели во денешното соопштение од МТСП.

Усогласувањето на пензиите во 2017 година, според Министерството, се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и тоа според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот  на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%.

- Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи. Со таквото усогласување на пензиите се обезбедува еднаквост на корисниците на пензијата бидејќи пензијата е лично право и се остварува од остварениот работен стаж и платите, се додава во соопштението.

Од Министерството за труд и социјална политика истакнуваат дека ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и оти посветено и постепено ќе се зголемуваат пензиите, социјалните трансфери и ќе се обезбеди ефикасна и професионална социјална заштита.