Бизнис
22. March 2018 - 13:58

МТСП работи на план за стабилизација на пензискиот фонд

Министерството за труд и социјална политика се уште работи на планот за стабилизација на Фондот за пензиско осигурување на Македонија со кој ќе ја намали висината на средствата што државата ги уплаќа за да се овозможи редовна исплата на пензиите.  

- Пензиите се стабилни и безбедни за сегашните пензионери. Во моментот правиме проценки како сите ние идни пензионери да имаме стабилни и безбедни пензии. Така што нема никаква паника околу тоа, но си земаме време да направиме детални анализи и проекции, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за повикот за пријавување на лицата без лични документи.

МТСП

Посочи дека се консултираат и со меѓнародните финансиски институции, но и оти МТСП по прв пат има ангажирано актуар, за да може да се направат долгорочни проценки.

- Кога чепкате во пензиски систем, не само што чепкате во моментот, туку тоа дава долгорочни последици. Многу е важно дека ние сега нема да одиме со популистички мерки затоа што 11 години бевме сведоци како се намалуваше стапката на придонес, се зголемуваа пензиите и дојдовме до ваква ситуација во ПИОМ, рече Царовска.

Додаде дека дека во реформата влегува и бенефицираниот стаж и предвременото пензионирање и стабилизација на ПИОМ затоа што, како што рече, тоа мора да биде пакет.