Македонија
6. April 2016 - 14:17

МОСТ: Забележани случаи на прекршувања пред распишувањето на изборите

Граѓанската асоцијација „МОСТ“ денеска ги презентираше најновите резултати од набљудувањето спроведено пред распишувањето на изборите, според кои во периодот од 17 февруари до 3 април се евидентирани повеќе случаи на прекршувања. 

Според „МОСТ“, во овој период забележани се случаи на подготвување на списоци на потенцијални гласачи, случаи кога државни функциониери промовираат партиски програми за изборите и случаи кога се употребуваат службени возила за партиски цели. 

- Од 970 извештаи добиени од 80 набљудувачи во сите општини, за периодот од одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари се до 3 април, може да се забележи дека за периодот од 1 ипол месец, има многу повеќе регистрирани случаи на прекршувања, отколку за претходниот период од два ипол месеца, односно од почетокот на спроведувањето на проектот, 1 декември 2015 до одржувањето на првата прес-конференција, рече на прес-конференција извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов.

Тој ги повика граѓаните  да ги пријават сите притисоци, заплашувања или закани на бесплатната телефонска линија на МОСТ, 080-080-080. Од „МОСТ“ посочија дека добиле овластување да ја набљудуваат теренската проверка на Избирачкиот список, но само во подрачните канцеларии на ДИК, што според нив, оневозможува целосен увид во овој процес.

- Околностите во кои се спроведе теренската проверка не одат во прилог на ефикасно и ефективно констатирање на реалноста, како и влевање на доверба во процесот, рече Алексов, кој ја повика Државната изборна комисија јавно да соопшти дали може да гарантира спроведување на кредибилни избори.

Во врска со влегувањето на Финансиската полиција во канцелариите на „МОСТ“, Алексов потврди дека во понеделникот кај нив дошле инспектори кои побарале определена документација.

- Имавме состанок на кој многу конструктивно и коректно поразговаравме со инспекторите. Беа прецизни во нивните барања околу документацијата којашто сакаат да ја проверат и ни дадоа неколку дена да ја подготвиме документацијата се со цел кога ќе дојдат ефикасно да ја направат проверката. Граѓанската асоцијација МОСТ во овие 14 години работеше и сеуште работи согласно законските прописи и ќе ги почитува институциите во Република Македонија и максимлано ќе соработува со нив, истакна Алексов, одговарајќи на новинарско прашање.