Свет
12. April 2017 - 21:05

Москва: Турција не е надлежна да кажува кој користел хемиско оружје во Сирија

Прашањето за тоа дали некој користел хемиско оружје во градот Хан Шејхун во сириската провинција Идлиб не е во надлежност на Турција, изјави денеска портпаролката на руското Министертсво за надворешни работи, Марија Захарова.

Како што јави ТАСС, ваквата изјава на Захарова претставува реакција на изјавата на турскиот министер за здравство Реџеп Акдаг дека при минатонеделниот напад во Хан Шејхун бил употребен гасот сарин.

- Мислам дека турското Министерство за здравство треба да се занимава со анализа на квалитетот на морската вода во пресрет на туристичката сезона и да го проверува квалитетот на прехранбените продукти, пред се во туристичките места, рече Захарова.

Таа потенцира дека прашањето за употреба на хемиското оружје е во надлежност на меѓународните организации, како што е Организацијата за забрана на хемиското оружје. 

Акдаг вчера изјава дека „експерти точно утврдиле“ оти при нападот во сириската провинција Идлиб бил употребен сарин. 

При минатонеделниот напад со хемиско оружје во градот Хан Шејхун, кој е под контрола на сириските бунтовници, загинаа десетици цивили, а стотици други беа ранети. Западните земји за нападот ја обвинуваат сириската армија.