Свет
21. July 2017 - 14:17

Московиси: Договорот на ММФ за Грција е позитивен сигнал за пазарите

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси денеска како го оцени како „многу позитивен сигнал за пазарите“ принципелниот договор на ММФ за финансиска поддршка на Грција.

- Одлуката, донесена од ММФ, е многу добра вест. Тоа е нов позитивен сигнал за враќање на довербата на меѓународните партнери кон Грција и многу позитивен сигнал за пазарите, коментираше Московиси.

Според него, ова учество на ММФ го отвора патот за идно финансирање, што се разбира е помало од европското кредитирање, но и покрај тоа е добредојдено и од корист за грчката економија.

На 25 јули Московиси треба да ја посети Атина, каде е планирано да се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за финансии, Евклидис Цакалотос.

Советот на директори на ММФ синоќа постигна принципелна спогодба на Атина да и се даде правото да користи кредит од 1,6 милијарди евра, а денеска се очекува рејтинг агенцијата „Стандард и  Пурс“ да ја актуализира својата оценка за кредитоспособноста на Грција.