Македонија
19. March 2017 - 9:15

Монодрамата „Господ е жив“ на сцената на Велешкиот театар

Монодрамата „Господ е жив“, авторски и автобиографски проект на актерката Драгана Босниќ, ќе биде изведена вечер на малата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.

Претставата е на српски јазик и е дел од проектот за културна поддршка на српското малцинство во Република Македонија.

Босниќ рече дека во претставата е обработена личната приказна на 40-годишна жена, која по два брака во две држави, останува без работа и е во безизлезна ситуација.

- Во еден момент додека е во дупката, ја прифаќа подадената рака која што ја извлекува од мракот кон светлината, посочи Босниќ.

Драгана Босниќ е дипломиран актер. Родена е во 1967 година, во Војводина. Актерска игра запишува и дипломира на Академијата за уметност во Нови Сад, во класата на проф. Петар Баниќевиќ. Професионалната актерска кариера ја почнува во Нови Сад, а потоа  игра на сцената на Народниот театар во Сомбор, еден период во Народниот театар „Непсинхаз“ во Суботица, а потоа во КПГТ Белград, од каде доаѓа во Скопје.

Вработена е во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а настапува и на сцените на Драмскиот театар, Македонскиот народен театар и во Кумановскиот театар.