Македонија
23. March 2018 - 10:40

Монети од археолошкиот рид Вардарски рид ќе бидат изложени во Сежана

Збратимените општини Гевгелија и Сежана, од Република Словенија, го постигнаа првиот договор за унапредување на меѓусебната културна соработка, откако гостите од Словенија беа воодушевени од разгледувањето на археолошката поставка во Народниот музеј во Гевгелија.

- Гостите пројавија посебен интерес за нумизматичката збирка на монети од античка Гортинија, односно археолошкиот локалитет Вардарски рид. Збирката е составена од 1.000 монети пронајдени во овој археолошки локалитет што потекнуваат од периодот од VI век пред нашата ера до IV век од нашата ера, рече археологот Бобан Хусеновски, директор на Народниот музеј во Гевгелија.

На инсистирање на гостите од Словенија, дел од оваа интересна и атрактивна збирка ќе биде претставена на изложба во Сежана.

Од општина Гевгелија потврдија дека градоначалниците Поцков и Тренчон наскоро ќе потпишат договор и оти во соработка со Народниот музеј се очекува монетите од Вардарски рид кај Гевгелија до средината на октомври годинава да патуваат за Сежана.