Свет
4. January 2017 - 12:56

Моменти кои оставија свој печат во 2016

Победата на Доналд Трамп, Брегзит, мигрантската криза, трагедијата во Алепо...

Земјотресот Трамп

На 8 номеври милијардерот-републиканец Доналд Трамп, 70-годишен популист без никакво политичко искуство, беше избран за претседател на САД. Тој ја победи демократката Хилари Клинтон.

Подемот на популизмот ја одбележа годината и на други места во светот - од Азија, каде во мај Родриго Дутерте постигна убедлива победа на претседателските избори на Филипините, до Европа, каде националистите и екстремно десничарските партии се во подем.

Брегзит

На 23 јуни, 52 проценти од Британците на референдум се изјаснија за излез на земјата од Европската унија. Премиерот Дејвид Камерон поднесе оставка и беше заменет од Тереза Меј. Таа вети дека до пред крајот на март 2017 ќе стапи во сила член 50 од Лисабонскиот договор, со кој ќе започне официјалната процедура за Брегзит.

Огради пред мигрантите

Од февруари, „балканската маршрута“ по која стотици илјади мигранти стигнаа во 2015 година од Грција до Германија е затворена.

Во март ЕУ и Турција склучија контроверзен договор со кој се предвидува враќање во Турција на сите мигранти кои пристигнале во Грција.

Иако приливот на илегални мигранти кон Европа преку грчките острови запре, голем дел од нив сега минуваат преку Италија. Речиси 4.700 лица загинаа во потонатите чамци и бротчиња во Средоземното Море или нивната судбина не е позната.

Во Франција на крајот на октомври беше затворен најголемиот бегалски камп во земјата, познат како „џунглата“. Од таму беа дислоцирани 7.000 мигранти.

Страдањата во Алепо

Градот Алепо, во северниот дел во Сирија, падна во рацете на провладините сили, кои од 15 ноември брзо напредува во офанзивата против бунтовниците во источниот дел од градот. Иако Западот алармираше за „воени злосторства“ и ги критикуваше „опструкците на Русија“, која му е сојузник на Башар Асад, меѓународната заедница немо го набљудуваше страдањето во Алепо. Над 310.000 луѓе загинаа во војната во Сирија од март 2011 година.

Тероризам

И покрај повлекувањето во Сирија, Ирак и Либија, организацијата Исламска држава (ИД) презеде одговорност или беше инспирација за многу бомбашки напади низ светот.

Неколку западни држави, меѓу кои Франција (во Ница загинаа 86 лица), САД (во Орландо 49 загинати), Белгија (во Брисел загинаа 32 души) и Германија, стана жртви на крвави напади.

Во Турција исто беа извршени неколку крвави напади, кои им се припишуваат на Исламската држава или на Курдите, во кои загинаа неколку десетици луќе.

Западна Африка исто така не остана имуна на тероризмот. Ал Каеда изврши напади во Буркина Фасо и во Брегот на Слоновата Коска.

Турција - неуспешен обид за државен преврат

Ноќта меѓу 15 и 16 јули армиска фракција се обиде да го смени од власт Реџеп Тајип Ердоган. Неуспехот на обидот за преврат кој му се припишува на проповедникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, му овзоможи на претседателот да ја зграпчи поцврсто власта.

Повеќе од 37.000 луѓе беа уапсени, а над 100.000 беа притворени или привремено отстранети од работа. Режимот го зголеми бројот на апсења и во курдските средини.

Смени и во Латинска Америка

По Аргентина во 2015, и Бразил во август стави крај на 13-годишната доминација на левицата, со отстранувањето од претседателската позиција на Дилма Русеф, заради манипулација со државните финансии и со доаѓање на власт на центристот Мишел Темер.

Во јули Перу исто го избра за претседател десноцентристичкиот либерал Педро Пабло Кучински.

Во Венецуела, која преживува тешка економска криза, претседателот социјалист Николас Мадуро се соочува со силна опозиција и улични демонстрации.

Крајот на Кастро

На 25 номеври на 90-годишна возраст почина Фидел Кастро - таткото на Кубанската револуција и последната голема фигура на меѓународното комунистичко движење. Тој им се спротивстави на 11 американски претседатели.

Наука

Во февруари физичарите првпат ги открија гравитациските бранови кои беа претскажани од Ајнштајн во неговата „Општа теорија за релативноста“ уште во 1915 година.

Рок: солзи и награди

Рокот преживеа траорна година поради смрта на неколку легенди, како Британецот Дејвид Боуви, Американецот Принс, Канаѓанецот Ленард Коен...

Но, во 2016 бевме сведоци и на доделувањето на Нобеловата награда за литература на Боб Дилан. 

 

БТА - Софија