Свет
23. January 2017 - 12:54

Мохамед Алоуш: Зачувување на примирјето главна задача на преговорите во Астана

Главна задача на преговорите во Астана и натаму е зачувувањето на примирјето во Сирија, кое ќе овозможи решавање на хуманитарните прашања, изјави шефот на делегацијата на сириската опозоција Мохамед Алоуш во изјава по првата сесија од разговорите, јави ТАСС.

- Примирјето треба навистина да функционира пред да можеме да преминеме кон други прашања. Само тогаш ќе може да се премине на разговор за процесот за политичко уредување, додаде тој.

Алоуш нагласи дека опозицијата се стреми кон политичко уредување и мир, но е подготвена и за продолжување на борбените дејствија.

- Ние сме цивили, сакаме да ги заштитиме граѓаните на Сирија, но ако е потребно подготвени сме да продолжиме со борбите, додаде тој. 

На првата рунда од преговорите на масата седнаа претставници на Владата и опозицијата на Сирија, на Русија, Турција и Иран, специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура и амбасадорот на САД во Казахстан, Џорџ Крол, како набљудувач.