Свет
10. December 2015 - 14:25

Мохамед Али ја критикуваше изјавата на Доналд Трамп

Некогашниот двократен светски шампион во бокс во тешка категорија и спортска легенда кај муслиманите во светот, Мохамед Али, ја критикуваше изјавата на претендентот за американски претседателски кандидат Доналд Трамп, за тоа дека треба да се забрани влез на муслиманите во САД.

Во соопштението што денеска е објавено, не се споменува Трамп, но се вели дека „Америка мора да застане против оние кои го користат исламот за стекнување предност за нивната лична агенда“.

Во интервју за американаката телевизија, дадено по терористичките напади во Сан Бернандино, извршени од брачна двојка-муслимани, Трамп рече дека би требало „да се прекине влегувањето на муслиманите во САД, се додека (американките) конгресмени не проценат што се случува“.

Изјавата веднаш предизвика бурна реакција на американаката политичка сцена и во дел од домашната јавност, која ја оквалификува сугестијата на Трамп, како спротивна на американските вредности, опасна за националната безбедност и контрапродуктивна.

Белата куќа, осудувајќи го претендентот од редовите на републиканците, порача дека тој самиот се дисквалификувал од претседателската трка.

Мохамед Али (73), кој повеќе години е тешко болен од Паркинсоновата болест, меѓутоа, во соопштението уште поостро се нафрла врз исамистичкиот радикализам, џихадизмот и тероризмот во името на исламот.

- Вистинските муслимани знаат дека безмилосното насилство на т.н. исламски џихадисти е против нашата религија, вели Али во соопштението, посочувајќи дека „овие безмилосни убијци“ попречуваат луѓето да го видат она што е вистинско во исламот.

Трамп ги отфрла критиките, тврдејќи дека немал а и сега нема ништо против муслиманите, како и дека неговите бизнис е поврзан на разни начини со фирми и компании од муслиманскиот свет.

Тој и Али се имаат многу пати досега среќавано, а во 2007 година, Трамп има добиено и награда со името „Мохамед Али“.

Прославениот боксер ја почна кариерата со своето крстено име Касиус Клеј под кое се натпреваруваше на Олимпијадата во Рим во 1960 година, како и на почетокот од професионлниот бокс. Подоцна премина во исламот и го смени името во Мохамед Али.