Свет
26. May 2017 - 15:02

Могерини: ЕУ нема да го запре процесот на евроинтеграции на Западен Балкан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, на работната вечера во средата во Брисел, со премиерите на шесте земји од Западен Балкан, ветила дека Европската унија нема да го попречува процесот на нивна интеграција, се додека тие стигнат до последната инстанца, пишува денеска белградскиот весник „Вечерње новости“.

Таа, меѓутоа, подвлекла дека заради многубројните проблеми во самата ЕУ засега не можат да се предвидат точни рокови за приемот на нови членки.

Весникот коментира дека со оваа изјава Могерини се обидела да ги растера стравувањата во земјите од Западен Балкан за чувството дека европската интеграција на земјите од регионот е во застој.

Самата средба, исто така, беше свикана со намера да се надмине негативниот развој на ситуацијата - ЕУ да се ангажира со подддшка на динамиката на преговори, а земјите кандидати со исполнување на преземните обврски.

Затоа имало и предлог да нема временско растегнување на процесот на преговори, туку да се запре дури пред приемот  на земјите во ЕУ.