Македонија
4. April 2017 - 16:44

МНР: Тирана да прекине со провокациите и да работи на добрососедство

Остра реакција на македонското министерство за надворешни работи по зачестените навредливи изјави и коментари од официјални лица на Република Албанија, насочени кон Македонија и нејзините граѓани.

Вчера во МНР беше повикан на Амбасадорот на Република Албанија, Фатос Река.

На средбата на Река му е укажано дека изјавите на Претседателот на Владата Еди Рама и Министерот Дитмир Бушати за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Eтикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија.

Таквите пораки се сериозна провокација за добрососедството што Македонија сака да ги негува, прават долгорочна штета на односите во регионот и потткнуваат екстремистичка реторика, му е нагласено на Амбасадорот.

Инаку, Амбасадорот Река денеска на одбележувањето на денот на НАТО ги одбегна новинарските прашања за скандалозните пораки од официјална Тирана. При последната негова изјава за Тиранската платформа во јануари годинава, Река рече дека Албанија има уставна обврска да се грижи за сите сонародници кои живеат надвор од нејзината територијата и дека не е се работи за мешање во внатрешните работи на Македонија, туку за консултации со политичките лидери на Албанците од Македонија. За навредливиот термин ,,Славомакедонци’’ што го употребува Бушати, Река тогаш упати да се праша шефот на албанската дипломатија.

За разлика од него американскиот Амбасадор уште еднаш ги повика соседите на воздржаност од мешање во внатрешните работи на Македонија.

Ова не е прв пат официјално Скопје да реагира на албанските провокации. И во однос на последните изјави на Рама и Бушати, МНР апелира да се прекине со провокациите, да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството, за доброто на сите во регионот.