Македонија
22. February 2016 - 16:25

МНР: Ситуацијата со заглавените Авганистанци на Табановце и во Грција ќе се реши за неколку дена

МНР очекува ситуацијата со заглавените Авганистанци на Табановце, како и тие од грчката страна на границата да се расчисти во следните денови.

Според министерството, Авганистанците остануваат со статусот бегалци, но се вршат дополнителни проверки дали авганистанските државјани кои ги врати Хрватска доаѓаат како бегалци или како економски мигранти кои повеќе години живееле во Грција или друга европска земја, па користејќи го мигрантскиот бран сега се во потрага по подобар  живот.

Засега не функционира ниту договорениот директен транспорт на бегалците од Гевгелија до Австрија, пред се поради меѓусебната недоверба во регистрацијата на бегалците кај земјите од балканската рута.

Комуникацијата со Грција е подобрена. Македонија не сака да ја затвори границата, но засега нема одговор што ќе се случи ако на тоа биде принудена, а Грција стационира десетици илјади гневни мигранти кои би се обиделе нелегално да ја преминат оградата. Од МНР се надеваат дека Унијата, како што ја убедува Македонија да ги спроведува заклучоците на Советот, така ќе ја убеди и Грција да го оневозможи тоа.

Дополнителна нервоза предизвикува и одлуката на Австрија да ја затвори границата за азил во таа земја, но од МНР објаснуваат дека Виена ќе продолжи да ги пропушта бегалците кои заминуваат во другите земји од Европската Унија. Од МНР очекуваат сериозна криза ако на таков чекор се одлучи и Германија, која засега има либерален став кон мигрантите, на што Македонија ќе реагира соодветно.

Иако досега неколку земји побарале отворање на кампови за подолг престој на бегалци, Македонија останува на ставот за постоење само на транзитни прифатни центри на влез и излез од државата.

За менаџирање на мигрантската криза досега се потрошени десетици милиони евра државни пари, а неколку пати најавуваните 10 милиони евра помош од Брисел, конечно се префрлени во Делегацијата на Унијата во Скопје. Тие пари ќе се користат за покривање на трошоците за сместување, за регистрација и за ангажман на македоонската полиција, но и на полицајците од странските земји, кои досега беа на трошок на нивните матични земји. Од министерството велат дека штетите направени во регионот на Гевгелија уште не можат да се проценат, но во секој случај Македонија не само што не остварува профит на мигрантите, туку трпи и големи загуби.

МНР очекува дека по затишјето поради временските услови напливот на мигранти да се зголеми во следните месеци.