Македонија
16. August 2017 - 17:05

МНР на Грција: Македонија ја прекршува времената спогодба со присуство на свој дипломат на иредентистички собир

Грчкото министерство за надворешни работи официјално реагира на обраќањето на македонскиот конзул во Торонто, Јовица Палашевски, на како што се наведува во соопштението, учеството на иредентистички настан, што претставува уште еден чин на прекршување на времената спогодба, во која  се исклучува секаква активност што поддржува територијални претензии.
 
Реакцијата следи откако Палашевски се обратил на илинденскиот пикник во организација на ,,Обединети Македонци од Канада‘‘, од бина декорирана со карта на етничка Македонија и сонцето од Кутлеш.
 
Грчкото МНР смета дека се работи за обраќање на официјално лице пред иредентистичка сценографија и симоболика.
 
,,Новата влада на ФИРОМ тврди дека цели кон нов почеток во нејзините односи со Грција. Меѓутоа, и покрај промената на лидерството, по се изгледа дека иредентизмот продолжува да биде доминантна државна идеологија и декојдневна политичка пракса кај нашата соседна земја. Одрекување од иредентизмот, почитување на границите, и усогласување со принципите на добрососедството во праксата се неопходните услови за реализирање на евро-атлантските аспирации на ФИРОМ‘‘, се вели во реакцијата на грчкото МНР.
 
Грчките медиуми уште еднаш им се заблагодаруваат на своите дипломати, бидејќи уште еднаш документирале дека Скопје ја прекршува времената спогодба. Воедно наведуваат дека во пресудата против Грција, меѓународниот суд во Хаг навел дека нема докази за нејзино прекршување од страна на македонската влада.