Македонија
4. April 2016 - 16:20

МНР на Грција: Грција не е виновна што Иванов не е информиран за односите меѓу двете земји

Грчкото министерство за надворешни работи остро реагираше на интервјуто на македонскиот претседателот за грчка То Вима, тврдејќи дека Иванов е неинформиран за тоа што се случува помеѓу двете земји во однос на бегалската криза.

,,Грчката Влада не е надлежна да обезбеди Претседателот на ФИРОМ да биде адекватно информиран. И секако не е одговорна за тоа што тој не е информиран за состојбата на односите меѓу двете држави‘‘, се вели во кусото соопштение на портпаролот на Министерството Константинос Кутрас, објавено како ,,одговор на новинарите‘‘.

Кутрос притоа не прецизира на кој дел од интервјуто на Иванов е реакцијата на министерството, ниту пак излегува со факти со кои би ги демантирал наводите на Претседателот.

Дел од грчките медиуми велат дека одговорот на министерството се однесува на тврдењето на Иванов дека Македонија никогаш не иницирала ниту поддржала исклучување на Грција од регионалните иницијативи за справување со бегалската криза, како и ставот дека од самиот почеток на кризата Грција е повикана да работи заедно со Македонија во сите формати на соработка, но дека имало скромен или никаков одговор од грчка страна.

Иванов во интервјуто апелираше грчката јавност да знае дека затворањето на балканскиот коридор не е на штета на Грција, туку напротив во нејзина корист. Тој ја критикуваше Грција и за начинот на кој ги чува границите,  односно начинот на кој дозволила да се формира див камп кај Идомени, и поттикнување на бегалците и мигрантите илегално да преминуваат кон Македонија. За спорот за името, Иванов коментираше дека со еднострани, наметнати барања нема да може да се реши името.