Македонија
12. July 2017 - 16:18

МНР без одговор на барањето од пратениците за увид во договорот со Софија

Нацрт договорот за доборососедство со Бугарија се уште не е доставен до пратениците, и покрај тоа што вчера со писмо до Премиерот Заев тоа го побараа 6-мина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
 
Од опозициската партија денеска побараа в петок да биде закажана собраниска седница на која би се расправало за договорот, а на владата и МНР да одлучат дали седницата ќе биде отворена или затворена за јавноста.
 
Пратеникот Антонио Милошоски ја потсети власта на ветувањето во важните одлуки за национални прашања и за надворешната политика да ги вклучат и пратениците од опозицијата. Договорот е добро да се склучи, но само под услов да не им штети на националните и државни интереси на Република Македонија.
 
,,Очекуваме овие промовирани принципи на транспарентност и инклузивност од страна на Владата на СДСМ, премиерот Заев и министерот Димитров, да бидат ставени на тест, дали се вистински или се лажни принципи, во петок на собраниската седница.
 
Доколку навистина при Владата на СДСМ и владеачкото мнозинство постои желба за поголема транспарентност, заедничко одлучување и инклузивност на опозицијата во важните национални и државни прашања тогаш петочната собраниска седница ќе биде многу добра прилика да дискутираме за тоа што е досега разговарано, усогласено и што треба да се доусогласи во договорот помеѓу Македонија и Бугарија‘‘, изјави Милошоски.
 
Дека договорот веќе неколку дена им е доставен на бугарските пратеници, пишуваат и бугарските медиуми, но не објавуваат детали од него. Во бугарската јавност продолжува и дебатата околу потребата за потпишување на договорот.
 
По Георги Прванов и поранешниот претседател Петар Стојанов укажа на потребата од менување на тонот кон Македонија.
 
,,И денес продолжуваме да допуштаме да се прават грешки. Да бидам искрен, на пример, не можам да го разберамтонот на некои наши , не толку политичари, колку општественици, да не речам професори и историчари, тон со кој се лута помеѓу надменост и сарказам. Тон во кој се вметнуваат и вицови за Македонците. Полош тон од таквиот не можам да замислам и погруба провокација во бугарско-македонските односи, исто така не можам да си претставам, Тоа е апсолутно неубаво. Тоа што треба да запомнат денешните бугарски политичари и општественици е дека договорот може и ќе биде потпишан. Односите ќе се развиваат. Но, тие треба да се развиваат на една иста основа – основата на разбирање и љубов кон луѓето во Македонија. Никаква иронија, никаков сарказам. Не може поради сопствената суета да се претставиме како најголеми бугарски патриоти и да растуриме нешто што е градено со векови‘‘, изјави Стојанов.
 
Инаку, Стојанов не отстапува од тврдењето за бугарскиот карактер на Македонија и на најголемиот дел од нејзината историја.