Македонија
23. May 2017 - 17:46

МЛС: Владата да побара автентично толкување од Собранието за мандатите на градоначалниците

Министерството за локална самоуправа (МЛС) иницира Владата да побара автентично толкување од Собранието за мандатите на градоначалниците и на членовите на Советите.
 
Како што соопшти попладнево, до Владата е веќе доставена Информација за мандатите на градоначалниците и на членовите на Советите во која се предлага Владата да достави барање до Собранието на Република Македонија за автентично толкување на два члена од Законот за локалната самоуправа, на членот 52 кој се однесува на извршувањето на функцијата градоначалник, како и на членот 77 кој се однесува на вршењето на работите на Советот.
 
Во Информацијата, Министерството укажува на важноста и на итноста од формално решавање на прашањето поврзано со статусот на мандатите на градоначалниците и на членовите на Советите заради обезбедување на функциите на единиците на локалната самоуправа и непрекинато испорачување на услугите кон граѓаните. МЛС укажува и дека се доведува во прашање постапувањето по поединечните, управни акти кои ги водат општините како изречно надлежни, а од другата страна роковите течат согласно Законот за управна постапка.