Македонија
18. јуни 2017 - 15:07

Младиот баритон Дарко Тодоровски гради успешна меѓународна кариера

Дваесет и пет годишниот баритон Дарко Тодоровски од Куманово, успешно гради меѓународната кариера како оперски пејач во Москва. Досега настапувал во Македонија и Русија, а до крајот на годинава ќе настапи и во Италија.

Младиот кумановец е првиот судент и магистрант од Македонија на музичката академија „Гнесин” во Москва, Русија на отсекот академски вокал или оперско пеење. Тој е прва година на магистратура и му остануваат уште две.

Тодоровски завршил на Факултетот за музички уметности во Скопје со почести, во класата на професор Славица Петровска Галиќ. За себе вели дека рускиот романс му го променил животот.

- Како дел од трупата на младите оперски пејачи во Македонија се пријавив на натпреварот „Романсиада” во Скопје, 2015-та година, по што заминав за Софија каде низ неколку етапи ги одбраа финалистите. Бев претставник од Македонија во финалето во Москва. Таму зедов диплома. Во Москва, руските педагози беа заинтересирани за работа со мене. Со поддршка од Амбасадата на Руската Федерација во Македонија како стипендист заминав во Русија на магистерски студии на Музичката академија „Гнесин”, изјави Тодоровски.

Покрај тоа што студира, тој е дел од трупата „Ѕвездите на романсијадата” од Москва со која настапува во Кремљ. Како еден од најзначајните концерти во својата кариера, талентираниот Тодоровски го посочува првиот настап во Кремљ на малата сцена во Димпоматската сала како гостин на негова постара колешка од Русија.

- Настапував и на 28 јануари, годинава на Националниот ден на рускиот романс. Станува збор за голем концерт кој се одржува на главната сцена во Кремљ, каде што претходно настапувале врвни пејачи од целиот свет. На сцената се настапува со два реномирани оркестра и врвни диригенти, односно рускиот народен оркестар и филхармонскиот оркестар. Последниот настап од трите најважни е мојот прв солистички концерт во Москва, кој се случи неодамна, на 24 мај во Домот на Рускиот романс, каде изведував руски модерни, салонски и класични романси и на крај, сакајќи да ја доближам руската публика до македонската култура и песна отпеав две македонски народни песни, моите омилени „Сношти минав покрај вази” и „Кога падна на Пирин планина ранет Јане Сандански”,  додава Тодоровски.

Тодоровски на 25 август, годинава, ќе настапи во Чита дела Пјеве Италија, во операта „Орландо Фуриозо”. Во меѓувреме, тој го подготвува рециталот „Ба-рок” со сопранот Злата Тошевска со која ќе изведат барокни оперски и ораториумски арии. Концертот ќе се одржи на 9. септември, годинава, во Даут-пашин амам во Скопје, по што Тодоровски се враќа на магистерски студии во Москва.