Македонија
20. September 2017 - 14:49

Младинските организации бараат решение за проблемот за виза за престој на европски волонтери

Претставници на младински организации и на ресорните институции денеска на работилница дискутираа за проблемите и за можните решенија во процесот на издавање виза за привремен престој за волонтерите на Европскиот волонтерски сервис (ЕВС).

Организациите кои работат со ЕВС  програмата во изминатиот период се почесто се соочуваат со проблеми на одолжен процес на издавање  виза Д за европски волонтери кои доаѓаат во Македонија.

Зоран Илиески, извршен директор на Коалиција на младински организации СЕГА истакна дека дури 46 проценти од акредитираните младински организации кои во изминатиот период биле домаќин на европски волонтери во рамките на Еразмус+ програмата чекале повеќе од четири месеци за издавање виза за привремен престој за своите волонтери, а 54 отсто од нив чекале повеќе од два месеца.

- Сложеноста на процедурите за регулирање на престој за волонтерите, која е иста како и за регулирање на престојот на имигрантите, од една страна, како и ниското ниво на комуникација помеѓу ресорните институции по ова прашање од друга страна, се најчестите причини за ваквите состојби. Потребно е да се пристапи кон промени на Законот за странци во насока на олеснување на постапката за регулирање на престој за волонтерите од Европскиот волонтерски сервис, рече Илиески. 

Учесниците на работилницата се загрижени затоа што одолговлекувањето на процесот на издавање визи за странски државјани преку ЕУ-програмата Еразмус+ резултура со откажување волонтери од проектите, губење средства и затоа што тоа му штети на угледот на Македонија  кај државјаните на ЕУ. 

Заклучоците од националната работилница кои ги вклучуваат предлозите на младинските организации ќе бидат доставени до Министерството за надворешни работи и до надлежните институции.

Настанот го организираше Коалицијата на младински организации СЕГА, која е национална платформа на младински организации активна во областа на лобирање за промени во младинските политики.