Македонија
23. May 2017 - 15:47

Младинскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“ на примен кај владиката Повардарски Агатангел

Младинскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“ од Велес на Повардарска Епархија под диригенство на проф. Веселинка Маџарова, кој од 11 до 14 мај годинава во Москва во  Русија на Меѓународниот Московски музички фестивал „Звучит Москва“ освоија три први награди, денеска беше примен од владиката Повардарски Агатангел.

Како што изјави диригентот на хорот,  проф. Веселинка Маџарова тие во Москва во силна конкуренција на 60 вакви младински хорови до 21 година го  освоиле првото место во духовна категорија и најдобра изведба на православна духовна музика, првото место во категорија на световна музика, а таа освоила награда за  најдобар диригент во категорија световно хорско пеење.

- За нас беше голем успех и победа што претходно за да учествуваме на фестивалот  влеговме во силна  конкуренција со 180 хора во светот. Морална сатисфакција и потврда за вложениот труд и големата љубов на сите хористи се освоените највисоки награди на меѓународниот натпревар „Звучит Москва", потенцира Маџарова.

Таа истакна дека одлично биле примени во руската престолнина од каде носат прекрасни впечатоци, но оти најголема среќа им била што во најубаво светло ја претставиле својата земја, Република Македонија, на што се особено горди. Упати благосарност до владиката Повардарски Агатангел и градоначалникот Славчо Чадиев што им овозможиле да заминат на овој меѓународен натпревар, а што тие го потврдиле  со голем успех.

Владиката Агатангел истакна дека Младинскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“ во изминатите пет години откога  постои под нивна закрила е гордост на Епархијата Повардарска.

- Хорот настапува на сети божествени литургии секоја недела во црквата „Св Пантелејмон“ во Велес и за сите верски празници, со што ги задоволува верските потреби на православните христијани од Велес. Ведно, настапува и во други црковни храмови во останатите градови на Епархијата Повардарска, информира владиката Агатангел.