Ракомет
18. July 2017 - 12:53

Младинците против Русија го почнуваат Светското Првенство во Алжир

 
 
Денеска од 15:00 часот по македонско време, нашата младинска репрезентација (до 21 година) го почнува настапот на Светското Првенство во Алжир со натпревар против селекцијата на Русија.
 
Нашиот состав вчера пристигна во Алжир каде веќе го одработи и првиот тренинг во салата каде денеска ќе се игра натпреварот. Избраниците на Иле Темелковски максимално подготвени ја очекуваат средбата со Русија, која може да има огромно значење за посакуваниот пласман во втората елиминациска фаза од Првенството.
 
По натпреварот со Русија следува слободен ден за нашата репрезентација, а следната средба е во четврток од 21:00 часот против Брукина Фасо. Во петок од 19:00 часот играме против Тунис по што следува уште еден слободен ден пред последните две средби со Шпанија на 23 јули од 19:00 часот и со Бразил на 24 јули од 19:00 часот за крај на групната фаза. Најдобропласираните четири репрезентации од групата ги продолжуваат натпреварите во осминафиналната елиминациска фаза што ќе се игра на 26 јули.
 
Во случај на пласман понатаму, Македонија ќе игра против некоја од репрезентациите од групата Д во која се Хрватска, Исланд, Алжир, Саудиска Арабија, Аргентина и Мароко.