24.04.2014 - 15:35 |
Последна промена пред 3 мин 31 сек

Languages

Измените на законите за служба во АРМ и за стечај пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи работата по 84. седница на која на дневен ред се Предлог-законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија и измените на Законот за стечај, двата по скратена постапка.

Со измените се предвидува најмалку 4.000 професионални војници по завршување на службата во АРМ и возраст од 45 години да бидат ангажирани во државните институции, а околу 3.000 стечајци да добиваат месечен надомест од 7.100 денари.

Според синоќешната одлука на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, мерката за вработување на професионалните војници по исполнувањето на условот од 45 години старост ќе важи за сите оние кои биле невработени на 31.12.2013 година. Со тоа значително се проширува опфатот на претходно утврдената мерка на Владата за згрижување на професионалните војници по исполнувањето на обврската кон армијата. Владејaчката партија, според одлуката, се обврзува да најде работа во државната администрација, ретроактивно за сите оние кои го исполниле условот за пензионирање како професионални војници а до сега не успеале да се вработат.

Според предложениот закон, предвидено е шест месеци пред војникот да наполни 45 години задолжително министерот за одбрана да ги преземе сите активности за да може војникот веднаш кога ќе го исполни условот со староста  да биде прераспределен во друга служба. Со тоа ќе нема ниту еден ден застој во неговиот работен однос. Министерот задолжително во тековната година ќе подготвува план за преземање, за прераспределување на војниците за следната година. Доколку не го донесе тој план предвидени се санкции.  Тоа значи дека законот нема да зависи од политичките гарнитури кои се на власт, туку ќе остане како трајно право за професионалните војници.

Со законското решение за стечајците се подигнува границата од постоечкиот закон од 2004 година на 31 декември 2013 година, кој е новиот рок во кој сите оние лица кои останале невработени како резултат на приватизација на компанија кои биле во државна или доминантна државна сопственост сега ќе може да бидат материјално обезбедени со добивање на околу 7.100 денари месечен надомест.

Граѓаните кои ги исполнуваат условите во законот ќе може да ги поднесуваат барањата во рок од триесетина дена откако ќе се донесе законот. Барањата ќе се поднесуваат до Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Меѓу точките на денешната седница на Собранието се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија и по Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност, сите по скратена постапка.

По скратена постапка треба да се донесат и измените и дополнувањата на Законот за учебници за основно и средно образование, на Законот за минерални суровини, на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за измените на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги

Меѓу точките за кои ќе се дебатира се и предлог-законите кои се обележани со европско знаменце и тоа за електронските комуникации, за националната инфраструктура на просторните податоци на РМ и за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, сите во прво читање.

Слични вести

Македонија