Македонија
30. September 2017 - 14:50

Митовска: СДС кукавички избега од соочување со народот на референдум за нивните погубни политики

Ветувањето кое СДС го има дадено дека во иднина ќе бидеме земја на мигранти, скапо ќе ја чини Македонија. Тешкотиите со кои ќе се соочиме како држава ќе не’ чини генерации и генерации на Македонци, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека манипулациите на владата на СДСМ беа јасни кога за свои цели го искористи Државниот инспекторат кој преку директна контрола на власта ги запре решенијата за референдуми во општините.
-На 15-ти октомври на граѓаните во општините требаше да им се даде демократско право кое ќе го искористат. Тие требаше да се изјаснат дали во своите општини би сакале да имаат мигрантски населби. Граѓаните требаше да кажат дали сакаат да се промени демогеографијата на Македонија. Граѓаните ќе им дадеа до знаење на СДС дека не сакаат насила да се промени македонската традиција и култура, нагласи Митовска.

Посочи дека СДСМ освен што лаже дека нема да гради станови за мигранти во Македонија, го злоуотребува и Инспекторатот со, како што рече, противправната одлука за да ги спречат граѓаните во демократска држава да го остварат своето право на избор.

-ВМРО-ДПМНЕ е коректор на злоупотребувачката власт на СДС и како партија секогаш стои позади волјата на македонскиот граѓанин. СДС кукавички избега од соочување со народот на референдум за нивните погубни политики. Но, 15-ти октомври е денот на кој овој изманипулиран народ конечно ќе ги наплати сите лаги од страна на 4 месечното лажење на СДС. Тоталитаристичкото владеење на СДС нема да трае уште долго. Волјата на овој народ ќе биде основата на власта. Народот на избори ќе го каже своето и ќе стави крај на лагите и манипулациите на владата на СДС, истакна Митовска.